fbpx

Колумна на Перо Костадинов: МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ Е НАША ВРЕДНОСТ

Facebook
Twitter
LinkedIn

​Соочени со време на кризи, војни и масовна миграција во светот, мултикултурализмот како концепт се соочува со сериозни предизвици и опстанок. Отворени се темите за квалитетна интеграција, одржувањето на социјалната држава и мирот, како никогаш претходно од втората светска војна наваму.
​Задоволени во самозаблудата дека постапуваме прагматично, како европски народи ја прифативме непријатната националистичка реалност како ништо повеќе од реалполитика. Заборавивме дека политиката освен што е уметност на можното, е и систем на вредности. Негативните националистички трендови на европскиот континент, имаат единствена цел да ги ослободат националистичките структури од какви било морални и политички скрупули кон демократијата.
​Толерираните националистички идеи се обидуваат да го обезвреднат секој европски идеал и постојано го јакнат јадрото на приврзаници кои очекуваат спас од Европа и деградирање на европската идеја. Се промовира национализам, како решение на предизвиците со кои се соочува континентот денес и се загрозува мултикултурализмот како вредност која ја обединува современа Европа.
​Ние, како млада демократска држава која во своите темели има мноштво култури, етникуми, раси и религии кои се карактеризираат со соживот, толеранција и различност, не сме политичко острово на овие тенденции. Неопходно е да бидеме внимателни, будни и обединети во одбраната на заедништвото како кохезивен момент на нашата заедница.
​Богатство на македонското општество, кое може да биде модел за другите општества, го сочинува мозаикот на етникуми. Она што ги карактеризира односите меѓу самите заедници и што дополнително ја зајакнува позадината на мултикултурализмот е можноста секоја заедница слободно да ги изразува своите идеолошки ставови, верувања, традиции, култура и јазик. Иако сè уште постојат проблеми и предизвици од различна природа кои доаѓаат како резултат на: предрасуди, стереотипи, дискриминација, нееднаквости во општеството, нееднаквости во приходите, вработувањето, но и како резултат на недостаток на соодветни информации за едната или другата заедница, македонското општество го краси здрав мултикултурализам.
​Културните разлики и заедништвото, како дел од ризницата на македонското богатство, може дополнително да се унапредат. Тоа се постигнува преку примарната социјализација во семејствата, едукација во училиштата, комуникација и соработка во организирани заедници. Потребно е интензивирање на социјалниот дијалог на различни култури, уште поголема имплементација на важечката легислатива, решавање на случаи на дискриминација како приоритетни и јасно потенцирање пред целокупното општество, дека мултикултурализмот треба да се гледа како наше богатство.
​Месец мај, во општина Валандово е симбол на заедништвото, соработката и негувањето на мултикултурализмот. Овој е месец кога се одржуваат двата најзначајни културни настани за заедницата кои се во духот на културниот натпревар, автохтоната традиција и различностите како наш потенцијал. Се работи за најстариот фестивал на новосоздадена македонска фолк песна „Фолк Фест“ Валандово како идентитетски елемент на македонскиот народ, како и за фестивалот на пролетни веселби „Хид Бах Шен Фест” кој е заштитен од „УНЕСКО” како нематеријално културно наследство на човештвото и промотор на турските обичаи и посебност пред светот.
​Мај е месец кога заедно пееме, играме, се натпреваруваме и ја славиме нашата различност. Учиме еден од друг, се надополнуваме и се поддржуваме. Како локална заедница, искрено веруваме во силата на разликите, ја негуваме како наша вредност и од неа не отстапуваме.
​Мултикултурализмот поттикнува дијалог, често помеѓу радикално различни култури кои имаат радикално различни перспективи. Тоа е важно, затоа што рамнодушноста на толеранцијата ја заменува со вистинско прифаќање. Тој е мост помеѓу толеранцијата и прифаќањето, како основа за општество на мирот и прогресот.
​Имаме шанса да бидеме позитивен пример пред светот. Под нашето сонце има место за сите. Општество на добри луѓе и меѓусебно разбирање е тоа што ни е неопходно. Ослободени од товарот на минатото, фокусирани на иднината и подготвени на заедништво, да изодиме напред и да градиме иднина дома, со сите различности внатре, кои не красат.

Последни вести