fbpx

Интервју на Шекеринска за порталот МКД.мк

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, за порталот МКД.мк

МКД.мк: Потпретседателот на СДСМ пред неколку дена најави дека многу брзо ќе се формира влада што ќе ги исполни условите за одржување фер и кредибилни избори, а од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека партијата е подготвена и има намера да го почитува Договорот од Пржино, кој предвидува формирање техничка влада за организирање избори. Се разговара ли за техничка влада или за некаква друга влада и како таа би функционирала, со оглед на искуството од претходната, во која беа и министри од СДСМ?

Шекеринска: Не. Не може да има нов договор додека власта го погребува стариот. Затоа, пред какви било нови разговори беше потребно да се исполнат двата клучни услови, поништување на едностраната одлука за изборите и поништување на аболициите. Првиот се исполни со одлуката на Уставниот суд дека распуштањето на Собранието било противуставно.

Сите знаеја дека таа одлука е противуставна, ама на Уставниот суд му требаа неколку месеци за да „им текне“. Како и секогаш, профункционира „тефтер-судството“, за иста иницијатива по исто прашање, Уставниот суд донесе две спротивни одлуки.

Првиот пат тоа му требаше на ДПМНЕ за да продолжи со фалц-изборите, па Уставен ја одби иницијативата на Павле Трајанов. Вториов пат, на ДПМНЕ му требаше смоквин лист со кој ќе го скријат срамот за „распуканиот бетон“ и Уставниот беше тука за да им ја заврши валканата задача.

Но вториот услов сè уште не е исполнет. Срамната и незаконска одлука на Иванов за аболиција сè уште не е поништена. Иванов не го ни најавува тоа. Немаме дилеми, правото и правдата во Република Македонија мора да се вратат и да важат за сите подеднакво, а не селективно. Сè додека Груевски се држи за аболицијата како за појас за спасување од кривичен прогон, ние нема што да разговараме за следните чекори.

Оттука, логично е дека само по целосното поништување на аболицијата може да се отвори патот за политички дијалог или разговори за создавање услови за слободни, фер и демократски избори. За СДСМ, решенијата може да се бараат во рамките на принципите договорени во Пржино. Како што сите досегашни еднострани одлуки ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си ги погазија, така ќе ја погазат и последната еднострана одлука за укинување на техничката влада.

МКД.мк: Ќе се врати ли СДСМ во Собранието и од што зависи одлуката за тоа, или пак, опозициското дејствување ќе се радикализира?

Шекеринска: Опозицијата не го напушти Собранието, туку одлучи да не учествува во носењето закони со кои се „глуми“ решение. Тоа денес, една недела потоа, стана сосем видливо. Божем го сменија законот за помилување за да му овозможат на Иванов да ги поништи аболициите. Зошто ништо досега не поништил? Напротив, Иванов води смешен процес на бранење на аболицијата со историски светски заговори. Кој светски заговор е виновен што Груевски барал 16 милиони евра мито од странски фирми? Кој надворешен непријател го „буцкал“ Миле да води одмазднички акции кон македонски фирми и граѓани? Кои историски неправди се виновни за тортурите, злоупотребите и корупцијата на првенците на власта?

Опозицијата не сакаше да аминува божемни решенија. Затоа, дадовме лесно и чисто решение (барање за автентично толкување, кое ќе потврди дека членот 11 не постои, па според тоа, ништовни се и сите помилувања базирани на него), но тоа сè уште чека на аминот на еден од помилуваните. Поголем конфликт на интереси, здравје.

МКД.мк: Во моментов, барем според официјалните информации, нема средби на партиите, а ДУИ повикува на меѓупартиски средби за усогласување на реформските закони. Што се случува во моментов, кои се активностите?

Шекеринска: Имаа десет години за усогласување на реформите. Ги прокоцкаа. Си ги усогласија интересите, а реформите ги моделираа по ликот на Лукашенко. По аболицијата, сега сакаат целосна амнезија, сè да заборавиме и да ја замајуваат јавноста со уште една топ реформска влада на корумпираното дуо.

Видлива е нервозата во редовите на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Се обидуваат на секаков можен начин да ја комплицираат кризата, да ја продлабочуваат, со надеж дека тоа ќе ги спаси од одговорноста за криминалот во изминатите години. За жал, за сето тоа цената ја плаќаат граѓаните и Република Македонија. Осиромашувањето на граѓаните продолжува, економската стагнација исто така, задолжувањето е зголемено, Македонија е со целосно нарушен меѓународен углед, соочена со ризик од сериозна меѓународна изолација. Затоа, демократска Македонија е на нозе. Граѓаните продолжуваат да го изразуваат својот револт на улиците низ целата земја. И нема да дозволат некој да ги „успие“ со лажни приказни за реформи. Веќе чуено, веќе видено.

Што побрзо се влезе во процес за вистинско решавање на кризата, тоа подобро за Република Македонија. На Македонија ѝ се неопходни избори што побрзо, но слободни, фер и демократски избори, на коишто ќе се избере кредибилна влада. Само така Македонија ќе зачекори кон стабилна и сигурна иднина за сите нејзини граѓани.

МКД.мк: Има ли процена за датум за предвремени избори, особено по информациите дека имало договор за нивно одржување во октомври?

Шекеринска: Ни требаат избори час поскоро. Ама избори не по теркот на ВМРО/МВРО на Гордана, не со „пиштењето“ на Миле и не со „ливчињата што ги снемува“ на Груевски. На Македонија ѝ требаат избори на кои одлуката ја носат граѓаните, а не власта. Избори со прочистен список, без притисоци и со слободни медиуми.

Што побргу тоа се случи – толку подобро за сите. Погрешно би било да се лицитира со датуми во овие околности. Неопходни се повлекување на аболицијата и исполнување на сите услови за кредибилни избори. Тогаш ќе имаме вистинско решение на кризата, а не само полувреме меѓу две кризни фази.

Опозицијата посакува избори оваа есен и сигурни сме дека условите може да се исполнат, ама ако има политичка волја.

Она што го гледаме сега е дека власта бега од слободни, фер и регуларни избори. Одолжува со реформи за да ги зачува контролата и стравот. Но регуларни избори во Македонија ќе има и на тие избори ќе се случат демократски промени.

МКД.мк: Очекувате ли Никола Груевски повторно да се врати на функцијата премиер, како што се вратија министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика?

Шекеринска: Тоа е сосема неважно. Тој и онака ги влече сите конци, како што во минатото ги организирал сите злоупотреби и крупните корупциски одлуки, така и денес од партиската „бела палата“ командува како да е монарх. Ја промени адресата, но не и методите. Сега е соочен со опасноста да одговара за криминалот, па од него сè може да се очекува.

Но против себе ја има ова граѓанска борба за правда, слобода, демократија, борба за иднината на Република Македонија. И во таа борба победник е Македонија! Затоа, што и да прави Груевски, колку и да се обидува да компликува, да одлага, политичкиот крај му е дојден, следува одговорноста. Правдата ќе се врати, секој што го прекршил законот ќе одговара.

Последни вести