fbpx

Интервју на претседателот Заев за Агенција Анадолија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за Агенција Анадолија

Поминаа повеќе од година и три месеци откако тогашниот премиер на Република Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски излезе во јавноста и соопшти дека претседателот на најголемата опозициска партија во Македонија СДСМ, Зоран Заев, со своите соработници подготвувал државен удар и удар врз премиерот, сакајќи преку незаконски стекнати компромитирачки аудио материјали да ја освои власта без да учествува на избори. Оттогаш па до денес, сè уште остана неразјаснета мистеријата кој кого прислушкувал, а Македонија од политичка влезе во институционална криза чијшто крај сè уште не се гледа.

Како дојде до прислушкуваните разговори, која е целта на нивното презентирање во јавноста, каква е улогата на меѓународната заедница во разрешувањето на политичката криза во Македонија, одлуката на претседателот Иванов за аболиција на политичарите, се само дел од темите врз кои беше ставен акцент во интервјуто на претседателот на најголемата опозициска партија во Република Македонија, Зоран Заев, за Аnadolu Аgency (AA).

Заев во интервјуто за АА раскажува дека прислушкуваните разговори кои што се објавија потврдуваат дека се следени над 20.000 граѓани, како и дека овие материјали се предадени во Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината за незаконско следење на комуникациите (СЈО). Тој вeли дека се работи за околу 1 милион и 50 илјади вкупни комункации, од кои дел се аудио, дел се транскрипти, дел се СМС пораки и сите заедно се доставени до независната институција СЈО.

„Самиот процес покажа дека тие месец и пол по објавувањето на бомбите, тоа е крајот на март 2015, ја уништиле опремата за прислушкување. Тоа се двата вида на опрема коишто се во МВР. Тоа е најсериозен доказ. Ако биле странски служби или ако тоа опозицијата го правела тие требало да ја чуваат опремата и да докажат дека тоа го правела опозицијата. Но, не успеаа да ги скријат доказите дека тајните служби години наназад ги следеле граѓаните во Република Македонија, опозицијата, новинарите, бизнисмените, верските заедници, другите институции, но меѓу другото и свои неколку врвни луѓе со политичка моќ во нивната партија и во власта”, вели Заев, кажувајќи при тоа дека се слушани граѓаните во обем поголем од 2,5 милиони разговори, што според него ја докажува и анализата на Дојче Телеком која наскоро ќе излезе во јавноста.

„На секому во Република Македонија му е јасно дека тајните служби вршеле неовластено снимање на телефонските разговори помеѓу граѓаните во Република Македонија”, изјави лидерот на македонската опозиција, Заев.

“Денеска токму тоа е утврдено, дека тоа се разговори добиени од луѓе вработени во тајните служби што со години го гледале тоа и трпеле, постојано слушајќи и претворајќи ги разговорите во транскрипти, најмногу за опозицијата, новинарите и за бизнисмените, давајќи ги на претставници на власта за нивна употреба. Им прекипало и ги донесоа овде во опозицијата зборувајќи дека доколку опозицијата тоа не го искористи тие не би знаеле што да направат”, вели Заев.

“Нема институции каде тоа би можеле да го предадат затоа што обвинителството, судството и правосудството се под целосна окупација на власта, единствено останува опозицијата на Република Македонија да го искористи тоа во спас на Република Македонија” , истакна тој.

Во однос на учествувањето и влијнието на меѓународната заедница во решавањето на политичката криза во Македонија, а поврзано со неодамнешниот коментар на претседателот Иванов дека некои претставници на странските земји премногу се мешаат во внатрешните работи на земјата, Заев рече дека сите четири македонски партии од власта и опозицијата ги повикале претставиците на меѓународната заедница да учествуваат во преговорите.

“Меѓународната заедница претставена од ЕУ и САД на наш повик, на опозицијата и власта заедно, е повикана да помогне и тоа тие го прават во рамките на Уставот, законот, и на меѓународните резолуции, декларации кои што нашиот Парламент ги има усвоено”, рече Заев додавајќи дека лидерите на македонските партии се тие кои побарале помош од меѓународната заедница.

“Тие не преминуваат преку тоа. Ние побаравме меѓународна помош, некаде и во законите го пишува тоа, како што е законот за СЈО. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ, амбасадорот на САД во РМ, принципиелно ѝ помагаат на Македонија, а не на Груевски и Заев. Иако неколкупати имале причина многу луѓе да кажат, овде им помагаат на власта, овде на опозицијата. Тие само го менаџираат процесот, не се преговарачка страна во процесот. Тие се тука бидејќи и власта и опозицијата ги повикаа да дојдат и да ни помогнат, затоа што ако не беше меѓународната заедница кој знае какво сценарио ѝ се припишуваше на Македонија”, истакна лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија.

– Влијанието на големите сили во Македонија-

Зоран Заев не верува дека големите сили, САД и Русија, кои се во постојани несогласувања, имаат интерес своите сили да ги одмеруваат на овие простори каде што е Македонија и смета дека на Македонија ѝ е потребно пријателството со САД, ЕУ и со Русија.

“Јас не верувам во такви работи. Македонија гради пријателство со сите земји во светот. Точна е нашата определба за членство во НАТО и ЕУ. Тоа што граѓаните сметаат дека е најдобро за државата. Притоа и соработката со Русија и другите земји сакаме да ги негуваме” , рече Заев, кој не криеше дека некогаш го зачудуваат одредени ставови на официјална Москва.

“Некогаш, ставовите на Русија се изненадувачки, но можам да дефинирам дека тоа е можеби заради недоволна информираност или пак, Груевски како што плаќа лоби групи во Вашингтон, плаќа и во Москва. Претпоставувам. Пријателството со САД и Русија ѝ се потребни на Македонија”, уверува Заев.

– “Погребување” на Договорот од Пржино-

Заев во продолжение на интервјуто, зборувајќи за пропаѓањето на договорот од Пржино вели дека “дрскоста на власта е причината за ,погребување’ на договорот од Пржино.”

“Фер, регуларни и демократски избори, е целта на договорот од Пржино. Што имаме исполнето од тој договор? Опозицијата се врати во парламентот, опозицијата престана да објавува разговори и опозицијата ги даде разговорите на СЈО. Анкетната комисија не се реализираше, која беше составен дел, прочистувањето на избирачкиот список не се случи, регулацијата на медиумите не се случи, разделувањето на партијата од државата не се случи. СЈО е целосно опструирано, посебно со овој акт, бидејќи има важни предмети кои што ги работи СЈО и техничката влада која во сериозен дел е урнисана со безобразието на владата којашто ги поништи сите решенија на двајцата министри во власта, тоа е Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика и им ги даде надлежностите на двајцата директори за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање и на државниот секретар. Тоа е директен удар врз договорот од Пржино.
– Се пропушти можноста да создадеме услови за регуларни, фер и демократски избори –

Заев смета дека власта е виновникот поради кој дојде до одложување на изборите кои беа предвидени да се одржат на 5-ти јуни поради проблемите со прочистувањето на избирачкиот список, реформите во медиумите, но и одделувањето на партијата од државата.

“Од нашиот избирачки список беше 1.812.000 (гласачи), сега, после процесот на прочистување, наводоното ,прочистување’ има 1.817.000, што е 5.000 повеќе, какво е тоа прочистување. Требаше избирачкиот список да се симне на 1.500.000 гласачи кои живеат во Македонија. Реформите во медиумите не се случија. Ја сатанизираат опозицијата, а ја величаат власта. Нема фер третман на сите партиципиенти во општеството, тоа е констатирано од ,Фридом Хаус’, од ,Репортери без граници’. Одделување на партијата од државата нема, власта ги користи сите инструменти и полуги од државата. Конечна цел на договорот од Пржино е слободно изразената волја на граѓаните во еден регуларен изборен процес. Тоа е првиот чекор на враќање во нормала на државата и враќање на институциите на државата”, објаснува Заев, кој вели дека пред да се одреди датумот, потребно е да се создадат услови за одржување на фер, регуларни и кредибилни избори.

– Граѓански протести –

На 17-ти мај минатата година опозицијата во коалиција со граѓанските организации направи масовен протест на кој го изрази револтот против политиката на актуелната власт. На тој граѓански собир присуствуваа десетици илјади граѓани од различни етнички заедници. По одлуката на претседателот Иванов да помилува политичари, повторно има протести, но сепак излезноста на протестите на граѓаните засега е помала, за што лидерот на опозицијата Заев вели дека станува збор за граѓански протести организирани од граѓански здруженија не од партиите, а кога ќе бидат партиите организатори ќе има и поголемо учество на етничките заедници.

Сега тоа го водат граѓанските организации. Ние не сме организатори. Застапеноста на Албанците во таа маса од 20.000 луѓе што ја видовте претходната вечер во Скопје, повеќе од 4.000 беа Албанци. Тоа е повеќе од 20%. Сите заедници се застапени. Како организирана форма кога ќе дојдат партиите, тогаш ќе бидат на показ сите, и Албанците и Турците, Србите, Бошњаците. Сите сме заедно. Држиме лекција во регионот како една мултиетничка земја е сплотена”.

– Ненасилни демонстрации –

“Со многу трпение, со многу труд, со многу прецизност и посветеност ќе му покажеме на светот дека може да падне режим без да има жртви. Со тоа малата Македонија ќе ѝ одржи лекција на демократска Европа, на Африка, на Азија, Америка и сите. Јас верувам. Само треба нерви и трпение. Граѓаните заедно сплотени од сите партии, граѓански организации сите заедно со упорност и трпение го соборија режимот и ги вратија институциите на граѓаните”, вели Заев во интервју за АА зборувајќи за актуелната политичка криза во земјата.

– Контроверзниот случај „Монструм” –

Судскиот случај „Монструм”, односно случајот кај Смилковското езеро во близина на Скопје, од 2012 година, кога беа убиени пет лица, предизвика бројни реакции во македонската јавност. Заев на почетокот на објавувањето на прислушкуваните разговори вети дека ќе го обелодени тој случај за да подоцна излезе со став дека не би било добро во интерес на заедништвото и мирот во државата да бидат објавени деталите за овој случај, за кои во јавноста постоеше голем интерес.
“Како граѓанин и јас посакував, но како лидер на опозицијата морав да внимавам. Проценките беа дека може да се урниса единството што го создадовме како разни етникуми во Македонија а притоа да не постигнеме ефект кој го посакуваме. Граѓаните со муслиманска вероисповест го очекуваа тоа, оти беше фрлено сериозно обвинување дека одреден муслимански радикализам го има направено. Тоа остана во сомневање во целата јавност. Објавувајќи го случајот за Љубе Бошковски, не го ослободи Љубе Бошкоски од затвор, доколку го направивме тоа луѓето од Смилковско езеро немаше да бидат ослободени од затвор. Секако денес одлучивме да го сочуваме тоа единство. Веќе со формирање на СЈО се отвори тој процес. Во периодот што доаѓа пред нас ќе има сериозни чекори за вистината и правдата на овој случај да излезат на површина. Се надевам дека правдата ќе ја дочека секој. Ако некој е невин и лежи во затвори да си ја дочека правдата”, образложува Заев кој вели дека очекува правна разрешница за овој случај бидејќи, како што наведува, секој граѓанин во Македонија ќе ја дочека правдата.

– Заев: Аболицијата на Иванов ќе биде повлечена –

“Верувам дека аболицијата на Ѓорѓе Иванов ќе биде повлечена или ќе падне пред правните инстанци во Македонија и надвор од неа. Членот 6 од Европската конвенција гарантира правично судење на секој и таа аболиција мора да падне. Се надевам Ѓорѓе Иванов ќе ја повлече”, одговара Заев запрашан за одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболиција на политичари против кои се водат истраги во моментов.
“Второ, со таа аболиција се уништени многу значајни предмети. Беа отворени 35/36 истраги за кои опозицијата поднесе пријави. Се надевам дека СЈО ќе продолжи да работи без разлика дали станува збор за лица од власта или опозицијата. Правдата треба да биде еднаква за секого”, смета Заев.

Доколку СЈО биде уништено, ние повторно ќе ги објавуваме бомбите, вели Заев зборувајќи околу можните алтернативи за развојот на политичката криза.

“Ако се уништи Специјалното јавно обвинителство тие мора да ги вратат материјалите. Немаат каде да ги дадат. Груевски ги има. Тие се должни да ги дадат таму од каде им биле доставени. Ние се бориме за создавање на фер и регуларни избори и нема да се откажеме. Ако некој го уништи СЈО и материјалите ги врати кај нас, ние ќе продолжиме да ги објавуваме тие материјали”, рече Заев.
– Соработката на СДСМ со албанските партии –
Дел од јавноста имаше забелешка дека албанскиот коалиционен партнер во власта, партијата ДУИ, е поштедена од објавување на аудио материјалите на опозицијата. Заев вели дека ДУИ не беше поштеден од објавување на бомбите бидејќи две „бомби” беа посветени на незаконското работење на ДУИ.
“34-36 бомби објавивме на прес-конференциии и две беа специјално за незаконското работење на ДУИ. Секако, сме можеле повеќе или помалку”, наведува тој.

Заев во интервјуто информира дека засега постои добра соработка со албанските парии, но дека околу коалцирањето ќе се разговара откако ќе биде извесно одржувањето на изборите.

“Ние воспоставивме убава соработка со албанските партии, вкупно пет помали опозициски партии. Откако ќе знаеме кога ќе се одржат изборите ќе разговараме за коалиција. Јас знам дека СДСМ на своите листи на регуларни фер и демократски избори ќе има мешана структура по етнички основ. Се надевам тоа ќе биде заедно со политичките партии. Ние сме граѓанска партија”, истакна Заев.

– Преговорите во Виена ќе го оживуваат Договорот од Пржино –

За в петок се најавени нови преговори помеѓу четирите најголеми политички партии во Македонија под покровителство на ЕУ. Но, Заев вели дека на овие преговори би отишол само доколку се исполнат условите кои ќе ги постави СДСМ.

“Во моментот парламентот на Република Македонија е распуштен, во моментот се распишани избори, во моментот се аболицирани најголеми криминалци во земјата. Во вакви околности што ќе барам јас во Виена, да ги подобрам условите за одржување на избори?
Тоа сигурно нема да го направам. Ако одлучиме да одиме тоа ќе биде условот. Аболицијата да падне, да биде укината и да бидат одложени изборите сè до создавање на услови за фер, регуларни, демократски и крeдибилни избори”, вели Заев кажуваjќи го ставот на партијата во врска со претстојните преговори во Виена.

– СДСМ ќе ја враќа средната класа во Македонија –

Враќање на средната класа, подобра економија, независни државни органи се само дел од предизборната понуда на СДСМ со која ќе ја побара довербата од граѓаните тогаш кога ќе се создадат услови за одржување на фер и демократски избори.

“На 17-ти декември 2015 година на Конгрес усвоивме програма за СДСМ. Имаме решенија за излез од кризата. Гарантираме едно опшстество, една држава, квалитетни работни места за сите. Гарантираме економија која ќе ги задржи младите овде. Просечна плата од околу 500 евра по вработен, одговорна власт која ќе биде контролирана, независно судство, социјален аспект и враќање на средната класа која во Македонија се изгуби. Единство помеѓу граѓаните”, истакна Заев.

– Турција голем пријател на Македонија –

Зборувајќи за односите помеѓу Македонија и Турција, лидерот на опозицијата, Зоран Заев, вели дека Турција е земја којашто отсекогаш ѝ помагала на Македонија и е нејзин пријател.
“Турција е голем пријател на Македонија. Таа ни помага во целиот период од нашата независност. Секој сака да има таков голем пријател како Турција. Ние сме многу среќни како граѓани за соработката што нашата земја ја има со Турција. Во делот на соработката со партиите ние имаме соработка со левичарите, но таа соработка не е на многу добро ниво, но постои, се надевам во иднина ќе се интензивира. Со владејачките партии и со многу други партии имаме комуникација, што нашата мала Македонија може соодветно да ја оствари со Турција. Голем дел од соработката со политичарите ни е директна а дел преку коалиционите турски партии, партијата на господин Ердоган Сарач и партијата на господин Аднан Ќахил, коишто се два добри партнери на СДСМ во здружената опозиција во Макеоднија”, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто за Anadolu Agency

 

Последни вести