Интервју на претседателот на партиската Комисија за одбрана, Максим Димитриевски за Капитал
Капитал: Од Договорот од Пржино според ВМРО-ДПМНЕ останува уште крајната цел, изборите, пред кои само треба да се егзекутираат „формалностите“ околу Избирачкиот список и медиумите, а за СДСМ, очигледно, амбиентот е многу далеку од оној во кој се надеваа дека ќе се чека на следните избори. Дали Пржинскиот Договор се покажува како решение за политичката криза во Македонија?
Димитриевски: Неодговорно е однесувањето на власта, чии претставници самовоздигнати до ниво на полубожества ја доведоа суверена Македонија во чувство на (полу)протекторат. Постојаниот политизиран приватен систем со строго лична намена е неиздржлив и неопстоив, молкот беше повеќе од понижување и народот се освести, а должноста наша беше да го одважиме секој граѓанин. Резултатот е Пржино, неминовна е целосна имплементација, обврската е на сите, прочистен список и непристрасни медиуми ќе резултираат со изразена слободна волја на избори за подобар живот, достоинство и просперитет.
Штом не можете да се договорите сами, ќе ви помогнат од страна, за жал истовремено сите паѓаме на тестот за државноста. Да, договорот е реална основа за разрешување на кризата. Пописот е основата за надминување на сите проблеми, неминовно е пребројување.
Капитал: Сметате ли дека Договорот од Пржино, особено гледано од страна на опозицијата, го одрази вистинскиот потенцијал, односно, крајниот дострел на „бомбите“ со Вистината за Македонија?
Димитриевски: Чест беше да се учествува во овој проект за вистината, со канонада од “бомбите на Заев” допревме до секое домаќинство, власта почна да ретерира и во агонија реализираше штетни и репресивни сценарија за дестабилизација. Одеднаш ги заборавија странските служби и применија метод на самоизолација – дефокусирај, цензурирај и заплашувај. Тргнаа против сопствениот народ, ударија на студентите, невладиниот сектор и слободоумниот граѓанин, процесот го заокружија со Кумановските настани. Резултатот беше 100.000 граѓани на протест и “Кампот на слободата” пред влада. Поминавме тешки моменти кои нѐ сплотија во идејата за достоинствен живот. Во зрели демократски општества на вакви аргументи власта абдицира, кај нас Груевски и фамилијата решија да се борат до крај. Очекувам дека бомбите ќе го доживеат својот епилог во Специјалното јавно обвинителство. Правдата мора да се спроведе до крај!
Капитал: СДСМ вината за проблемите од спроведувањето на Договорот од Пржино целосно ја префла на власта. Има ли простор дел од одговорноста да барате во сопствените редови?
Димитриевски: Направени се многу отстапки, обелоденет е невиден криминал, разговаравме со луѓе без морален легитимитет, но државниот и граѓански интерес беше во прв план. Овој затворен должничко-доверителски систем креиран од ВМРО-ДПМНЕ ги вклучи сите нивоа на власт во процесот на растурање на опозицијата. Лукративните ги изолираа професионалците и ги ставија во ќош, партиските послушници и секогаш прилагодливите ги активираа во проектот за растурање на опозицијата. Медиуми финансиски мотивирани преку владини проекти атакуваат по опозицијата величајќи ја власта која длабоко зачекори во Потемкините села. Епилогот е јасен, преродбата се распаѓа, системот трокира. Можеби бевме премногу умерени , дополнителна дестабилизација ќе генерираше нови поделби, нам ни е повеќе од потребно национално обединување.
Капитал: Ќе има ли опозиција во Македонија ако на следните избори СДСМ доживее уште еден пораз?
Димитриевски: Со граѓаните заедно ќе ја победиме оваа власт, токму поради тоа градиме партнерски однос со секој поединец и група во интерес на иднината на државата. Граѓанскиот концепт е патот за успехот, но при тоа обединувајќи го македонскиот народ и сите етнички заедници, давајќи им можност на посветените и чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободиме од узурпаторите кои во континуитет го анатемисуват ВМРО како историски симбол во борбата за нашата самобитност. Македонија е реалност, на митинзите извикуваа дека не сме македончиња, наеднаш патриотот ја промени реториката во народ на Македонија. Нарачаните интервјуа на Груевски во грчки весници се само дополнителен популизам пред избори и лажен патриотизам кој што се растече како ботокс во пижами. Им го срушивме концептот за креирање на фиктивна опозиција, ги придобиваме граѓаните со цел да им служиме и заедно чекориме кон промени. Опозицијата е производ на граѓаните, а не желба на политичката елита.
„Пријателите на Македонија прават разлика меѓу политичката и бегалската криза“
Капитал: Синтагмата „стабилна влада“ претставниците на власта сѐ почесто ја повторуваат пред странците, а во контекст на потребата што посоодветно да бидат пресретнати заканите од бегалската криза. Колкава улога игра бегалската криза во однос на курсот што го зазема меѓународната заедница за разрешувањето на политичката криза во Македонија?
Димитриевски: Бегалците се глобален проблем, потребна е кооперативност со соседите и Европските пријатели да го надминеме, превенирајќи повторување на историјата да станеме бегалци во сопствената држава. Војната во Сирија се распламтува, Африка гладува, глобалниот тероризам во експанзија, ООН не е егзекутивна, оваа состојба генерира дополнителен број мигранти.
Обидите на Груевски да манифестира подготвеност се апсурд, токму неговите погубни политики ја ставија армијата и безбедноста на дното во општеството. Додека соседите пред две години градеа заштитни огради, тој градеше барок и купуваше мерцедеси. Манипулации ќе има, нема да поминат, само чесни луѓе можат одговорно да го менаџираат овој проект на транзитирање. Пријателите на Македонија прават разлика помеѓу политичката и бегалската криза, народот исто така, стабилна влада е резултат на регуларни избори, сегашнава влада е техничка.
Капитал: Ќе се оствари ли сценариото за Македонија (и Србија) што го најави неименуван европски функционер за EurActiv, дека бегалците ќе бидат задржувани во кампови и во Македонија? Што сѐ може да значи ваквиот развој на настаните?
Димитриевски: Македонија е коридор, можност и капацитет за долгорочен престој немаме. Вакви наводни сценарија како решение се погубни за нас и балканските соседи не само од социо-економски, туку првенствено од демографскиот аспект кој што и во моментов е сериозно разнишан, во ваков случај националната безбедност ќе биде целосно загрозена. Европа мора да биде крајно солидарна и да ни помогне со сите расположиви ресурси. Вистинското решение и заштита е итно интегрирање во ЕУ на државите од Западен Балкан, на тој начин ќе се обезбеди целосна контрола и евиденција на влезот, непречен транспорт и објективна распределба и времен престој низ сите земји членки од ЕУ.
Капитал: Српскиот премиер, Александар Вучиќ, реагираше на објавеното од EurActiv изјавувајќи дека Србија нема да биде паркинг за мигранти. Од Македонија немаше никаква официјална реакција. Покажуваме ли, кога сме веќе некаков фактор од кој Западот бара кооперативност, дека знаеме да се пазариме во интерес на државата?
Димитриевски: Пазарења во хумани мисии нема, овде се работи за реални материјално, логистичко, безбедносни потреби на една сиромашна држава која мора да се справи со еден наметнат проблем. Потребен е одржлив систем на контрола и прием, времен престој во камп, обезбеден коридор на транзитирање и потврден излез, сето тоа бара логистика и многу проверки и оспособен кадар, оградата и ѕидовите на границата не се трајно решение. Евентуалните злоупотреби кои произлегуваат од кризата како лесна заработка и манипулација на поединци потребно е да се искоренат, државата треба да плати за транзитот и да побара надомест од меѓународната заедница. Реакција на изјавата на г-дин Вучиќ нема ни да има, истата е нереална, едноставно мора да бидеме партнери во овој процес во спротивно ќе се соочиме со исти последици.
Капитал: Зоран Заев неодамна изјави дека има докази оти кумановските настани ги организирала врхушката на власта. Ако е така, има ли поитен начин, и поитна потреба на државата за смена на власта?
Димитриевски: Сѐ тргна од караулата Гошинце, четири заробени полицајци и веднаш ослободени, а притоа украдена голема количина на оружје и муниција, доволно да се опреми една чета војници. Полициски специјалци со налог за претрес на куќа дочекани со рафали и експлозии, тензично известување на дел од медиумите за кои слушнавме дека ден по настаните им се исплатени над два ипол милиони евра од владата. Снимки и разговори на наши луѓе од службите со некои од терористите. Наместо командна одговорност илјадници евра поделени на началници и секретарки во МВР кои во канцеларија пред телевизор реализираа наводно „успешна” акција додека специјалците беа живо месо. Тоа се само дел од аргументите кои му даваат право на претседателот Заев да покаже со прст на власта. По сценаристот сѐ уште трагаме, а режисерите се наѕираат, Куманово не го заслужи ова. Благодарни сме на безбедносните сили за неутрализирањето на терористичката група, мирот и безбедноста ја сочува трезвеноста на кумановчани, бидејќи едноставно чувствувавме дека сѐ беше едно големо сценарио. Изгубените осум млади животи на нашите специјалци нѐ обврзуваат да трагаме по вистината. Случајот конечно влегува во суд, оваа власт треба да си замине веднаш, а виновните да одговараат.