Интервју на заменикот министер за финансии и претседател на Комисија за финансии на СДСМ, Кире Наумов за Вест
Вест: Како комуницирате со министерот?
Наумов: Имаме и конфликтни ситуации, но зборуваме. Мислам дека му помагам и во моментите кога има притисок да ги исполни желбите на Груевски, го потсетувам дека ниту е магионичар ни дека парите се берат на дрво. Со магионичарство не се прави економија. Ќе дојде периодот кога цел народ ќе пати. Тоа го гледаме во Грција. Нивните министри, од десната опција, успевале да даваат 15 плати, да зголемуваат пензии, да ја зголемуваат администрацијата и никој ништо да не им рече. И дојдоа до банкрот.
Правиот економист Ставрески излегува во прислушуваните разговори. Другото е политички. Јас сум кажал дека е добар економист. И кога зборувам со економистот Ставрески, одлично се разбираме. Ама кога ќе почне политичкиот притисок, не можеме. По ветото за домашните аукции комуникацијата е поретка и понеконструктивна. Се смени атмосферата во целово Министерство. Од понеделник треба да се договориме согласноста за новите вработувања да биде заедничка. Мислам дека пак ќе имаме проблем, бидејќи ќе се третира дека вработувањата не влијаат на избори.
Вест: На повидок е второ вето?
Наумов: Може да се случи.
Вест: Превисока ли е моменталната задолженост? Каква е состојбата со задолженоста на јавните претпријатија и општините?
Наумов: За држава како Македонија, дури и по официјалните бројки што ги објавуваат надлежните институции ние го преминавме прагот на среднозадолжена држава. Но, тоа е според официјалната и скратена дефиниција за тоа што влегува во пресметката на јавниот долг. Во тие бројки не се влезени и нефактурираните обврски за веќе завршени работи или услуги од фирмите кон владата. Ние во овој момент со нормална дефиниција за јавен долг и без скриените долгови сме на прагот на високо задолжена држава. Не очекувам вистинската состојба за задолженоста на јавните претпријатија и општините да ја дознаеме пред изборите. Во овој момент можам само да апелирам до директорите и градоначалниците, дека знаеме со какви желботеки ќе се соочат во наредниот период. Кој знае што сe може да им текне на Груевки и на соработниците. Но, на крајот од денот, нивниот потпис ќе стои при реализацијата на тие желби. Нема да стои потписот на Грувски.
Долгот на Македонија од 2009 до сега е дуплиран. Нивната приказна се темели на нови и нови задолжувања. И просечен годишен раст од 2009 до сега од само 2%. Кога се задолжувате надвор со стапки на отплата поголеми од растот, а ние се задолживме еднаш со 10 проценти на една еврообврзница, потоа со 4 и нешто, сега со 5,125, а имате раст од 2%, само магионичар може да ве спаси од банкрот. Ако продолжите, банкрот е неизбежен. Економистот Ставрески тоа го знае.
Вест: Одговорот на другата страна е дека долгот на Грција е 180% а Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа со јавен долг од 43,9 % од БДП во третиот квартал од годината!
Наумов: Грција ниту еднаш немала изјава, ден пред “тројката” да им даде пари, дека ако не добијат пари нема да можат да исплатат плати, пензии. Ставрески призна дека само една аукција на државни хартии од вредност ако пропадне, ќе крахира буџетот. Само една единствена.
Вест: Во каква кондиција е Буџетот?
Наумов: Буџетот на секоја држава е во слична кондиција, како и буџетите на мнозинството од семејствата. И тоа е вистинската анализа за секоја економија. Ако мнозинството од населението може безгрижно да го дочека крајот на календарската година, тогаш тоа ќе биде и состојбата со државната каса. Но, за жал поради неразумните и непродуктивни трошења на актуелната власт, сите граѓани станавме заложници на политиката на задолжувања за реализација на основните потреби.
Како Министерството ќе ја пополни дупката од 230 милиони евра, колку што останаа покуси со еврообврзницата? Пред вашиот потпис разговаравте со министерот, за што ви кажа дека се потребни тие пари?
Пресметката што ја правевме, сега зборувам за СДСМ, кога одлучувавме за максималниот износ на еврообврзницата со кој сме согласни, е да се обезбедат доволно средства за исплата на редовните месечни обврски во буџетот за 2016 год, заклучно со месец јули. И тој износ, како што изјавија и министерот за финансии , па дури и гувернерот на НБРМ, од 250 милиони за буџетски потреби и дополнителни 20 милиони за бегалската криза е сосема доволен за редовно фунцкионирање. Тоа што Груевски имал намера да истури уште дополнителни 230 милиони евра пред избори, како што и претходно правеше, не е дупка што треба да се пополни. Ние спречивме само една од редовните алатки со кои се служи оваа влада пред секои избори.
Вест: Банките го протолкуваа барањето да не запишуваат државни хартии од вредност како мешање на политиката во бизнисот? Тоа ви беше целта?
Наумов: Не се согласувам дека Банките, односно нивните менаџменти нашиот повик за претпазливост го протолкуваа како мешање на политиката во бизнисот. Напротив. Нашиот апел до учесниците на пазарот на капитал беше да го следат примерот на водечките светски банки во процесот на издавање на еврообврзинцата. Истовремено, менаџментите самите ги проценуваат ризиците за понатамошните задолжувања. Тоа се покажа и на последната аукција кога запишаа помалку средства од потребните за враќање на достасаните обврски на владата. Ова е математиката. Првата аукција кога беше ветото имаше за враќање околу 60 милиони евра, а Министерството бараше 100. Сакаа да направат нов нето долг од 40 милиони евра. Но, по нашето укажување, од трите аукции во декември останаа екстра само 11 милиони евра. А само во првата аукција барањето беше 40 милиони плус. Во некои од разговорите со министерот, тој велеше дека сака во декември да направи 80 милиони плус задолжување на домашен пазар, со објаснување дека тоа е влезено во Буџетот, што не е точно. Тоа можеби е влезено во Буџетот како домашно задолжување, но кога не беше планирана еврообврзницата од 270 милиони евра. И домашното и странското задолжување годинава, според Буџетот, требаше да бидат 28 милијарди денари, околу 454 милиони евра. И тоа е закон. До ноември, има прилив од домашно задолжување 16,280 милијарди денари и кога ќе ја додадеме еврообврзницата од 270 милиони евра, тоа се 535 милиони евра прилив врз основа на задолжувања. До ноември, според буџетскиот план, требаше да се земат 454 милиони евра заеми, а реализирани се 535 милиони евра, заедно со еврообврзницата.
Вест: И што вели на ова министерот?
Наумов: Вели не. Тој вели еврообврзницата е екстра. Не била планирана, зашто кога се планираше Буџетот за 2015 не се знаеше дека во 2016 ќе има предвремени избори. Кога има предвремени избори проблематично е да се издава еврообврзница, што има логика. И затоа, вели, јас оваа еврообврзница не ја сметам како прилив за годинава.
Вест: Ама тие пари реално ни требаа за да се испегла минусот годинава!
Наумов: Да, ама сега, со еврообврзницата, нема основ барањето во декември да се прави зголемено задолжување на домашен пазар. Ти во еден месец да извлечеш 100 милиони евра од банките или од клиенти, е нешто што прави удар на економијата. И затоа се согласивме еврообврзницата да биде толкава, зашто ако речевме нула, ќе мораше да се бара од други извори покривање на дефицитот. Вака, до април нема потреба да се прават нови задолжувања. Сега има во декември само 11 милиони нови задолжувања на домашниот пазар, што не е страшно, но ќе видиме како ќе биде натаму.
Вест: Значи, и покрај Ребалансот, пак има ново расштелување на буџетската структура.
Наумов: Да. Целата игра е да се направат што поголеми задолжувања, тие ќе се стават на депозитна сметка за да може од февруари да почне да се истураат парите пред избори. Сe она што го нема никаде во буџетот за 2016, де факто треба да се стави во чекмежето сега, да се обезбедат средства, да почне да се пукаат во период по февруари. Но, најстрашно е што дефицитот нема да стигне до планираниот износ.
Вест: Како?
Наумов: Од единствена причина што до октомври, капиталните инвестиции се реализирани само 55%. Ни во 2009 година, којашто беше најкризна година, не се случи вакво нешто. Не постои полоша година. До крај на година нема да стигнат повеќе од 65%. Затоа е смешно кога ќе кажат дека градежништвото рипнало со 29,4% а имаш ваква реализација на капитални инвестиции. Што граделе? Со куќи и згради не се прави толкав раст на градежништво. Во истото тромесечје има и смешна бројка за странски инвестиции од 8,5 милиони евра. Затоа не можат да ги наштелуваат бројките за растот, а да не биде сомнително.
Треба и да го смениме начинот на прикажување на БДП. Во пресметката на јавниот долг по првото тромесечје во годината се оди со БДП колку што се претпоставува дека ќе биде на крај на година. И долгот вештачки е помал. Во цел свет се прави така што ги собираш последните четири квартали и добиваш БДП, врз основа на кој пресметуваш долг или други показатели. Друго, ако се земе БДП по тековни цени, годинава во третиот квартал споредено со истиот период лани, растот на БДП е речиси 10 проценти. Кога имаш реален раст од 3,5 проценти и инфлација нула (дури и минус), тогаш по тековни (реални) цени имаш раст од 3,5%, бидејќи немаш друго да влијае.
Вест: Колку Македонија реално ја чинат странските инвестиции и има ли државата финансиски бенефит?
Наумов: Транспарентноста е непознат збор и начин на фунционирање на оваа влада. Секој обид за да се добие податок за која било странска инвестиција, завршува со тоа што ќе добиете документ кој содржи само иксови и на крај точка. Трошоците за таканаречените роуд шоуа на премиерот што ги имал во пооделни држави се поголеми од инвестициите што сме ги имале од таму. Еве да не одиме подалеку. Последното големо роуд шоу беше во Кина. И тоа не беше по првпат. Беше втора или трета посета. Според официјалните податоци од НБРМ во периодот 2011-2014 од Кина во Македонија износот на странски инвестиции изнесува -3.8 милиони евра. Минусно салдо. Не само што не сме имале инвестиции, туку сме имале одлив на капитал. Или пак податокот за третиот квартал од 2015. Вкупниот износ на СДИ во третиот квартал изнесува 8,5 милиони евра. Е тоа е реалната слика за странските инвестии и ефектот на роуд шоуата на премиерот.
Вест: Најдовте ли докази за ставот дека околу 4 милијарди евра буџетски пари, преку коруптивни канали, завршиле на нечии сметки?
Наумов: Преамбициозно е дека таква истрага можат да водат неколку луѓе. Неопходно е собирање на информации од повеќе институции. Бројките се изведени врз основа на неколку податоци – дека речиси и не постои проект во државата којшто е добиен на тендер, а нема барем два анекси, кои се не помалку од 15-20% од основната сума. Второ, во само неколку разговори од “Вистината за Македонија” може да се чуе за неколку стотини милиони евра кои отишле во некоја коруптивна приказна.