fbpx

Колумна на Перо Костадинов: СУШТИНСКИ НАПРЕДОК НАМЕСТО ФОРМАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА

Facebook
Twitter
LinkedIn

СУШТИНСКИ НАПРЕДОК НАМЕСТО ФОРМАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА

​Интеграцијата во Европската унија освен на економска, почива и на вредносна основа. Договорот од Лисабон ги наведува вредностите на кои е втемелена ЕУ, и истите се бараат како стандард од секоја земја членка. Овде особено се мисли на вредностите како човечкото достоинство, слободата, владеењето на правото, човековите права, демократијата и еднаквоста.
​Имајќи го во предвид тоа, целта и на нашето интегрирање вo Унијата не би требало да биде само формална интеграција, туку напротив квалитативна, заснована на истите вредности и принципи кои се постигнати во самите земји членки на Европската унија. Преговорите треба да се искористат за да се достигнат стандардите на ЕУ, во сите области од животот и да создадеме држава во која има иднина, за секој човек.
​Дотогаш, пред нас стои уште еден сериозен предизвик. А, тоа е подготвеноста за дијалог и заедништво внатре во општеството. Сеуште е отворено прашањето дали сите го делиме ставот заедно да го фатиме чекорот за брза интеграција и напредок или пак ќе продолжиме да стагнираме на патот на поделбите, омразата и разединетоста?
​Брзата интеграција и ефектуирањето на геостратешкиот момент на континентот е сериозна можност за нас. Тоа е патот за втемелување на систем со силни вредности кој го заштитува човечкото достоинство. Систем кој ќе ја гарантира слободата, демократијата и еднаквоста, а ќе отвора и широки перспективи за развој. Можност секој граѓанин слободно да се движи и да живее во рамки на Унијата. Работниците ќе добијат гарантирани социјални права. Стручните квалификации на македонските граѓани ќе бидат признаени во цела Европска унија и ќе се отворат огромни финансиски фондови за унапредување на земјоделието и руралниот развој. Пред сѐ, членство во ЕУ значи влез на пазар од над половина милијарда потрошувачи. Економската моќ на ЕУ се одразува и во трговијата и странските директни инвестиции, со 16% од вкупното глобално тргување. Интеграцијата во ЕУ ќе значи влез на 25 пати поголем пазар, петпати повисок номинален БДП по жител, како и значително пониска стапка на невработеност.
​За темелно и обединето да го зачекориме патот на интегрирање, охрабрувачки е да се погледне зачетокот на европската идеја и Шумановата декларација, потпишана пред 70 години. Истата ги постави темелите на патот на помирување и соработка меѓу некогаш завојуваните земји, кои на крајот станаа пријателски и сојузнички. Милиони луѓе во тешки времиња по Втората светска војна беа подготвени да работат посветено за да го постигнат тоа. Идејата за соработка и солидарност беше препознаена како силен потенцијал за континентот и истата победи во Европа.
​Потребно е да учиме од одлуките на останатите народи. Да го следиме патот на пријателството, да го негуваме дијалогот и да ја оствариме оваа стратешка цел за државата.
​Најлесно е да го користиме историскиот наратив, да го преиспитуваме патриотизмот на другиот и да го делиме општеството, за политички поени. Но, тоа не е решение. Тоа е замката на неуспехот и бездната на општествениот напредок и опстој. Повеќе од било кога претходно потребно е да завладее добронамерноста кај сите нас, да го препознаеме историскиот момент и да оставиме позитивна трага зад нас.
​Конструктивниот дијалог и аргументираната дискусија се многу попродуктивни од конфликтот, навредите и поделбите на јавна сцена. Ангажман од сите чинители, од институции, политички лидери, граѓанско општество, медиуми, млади луѓе, како и луѓе од уметноста, културата, науката и академската заедница е потребен денес.
​Потребни се лидерства и силна посветеност. Имавме доволно простор да спориме и оспоруваме децении зад нас. Сега е време за храбри одлуки. На државата и се потребни лидерства во секоја општествена сфера кои ќе ја преземат водечката улога и ќе го издигнат целокупното општество на рамниште на ЕУ. Тоа го очекуваат граѓаните и е единствениот пат кој ја остава надежта за успех жива. Време е еднаш да си подадеме рака и да направиме нешто заеднички за оваа земја.

Последни вести