fbpx

Колумна на Сања Лукаревска: „ПРИКАЗНАТА НА РОБИНКАТА“ – СОН НА ТИРАНИЈАТА

Facebook
Twitter
LinkedIn

„ПРИКАЗНАТА НА РОБИНКАТА“ – СОН НА ТИРАНИЈАТА

Маргарет Атвуд е канадска писателка и поетеса, исклучителен мајстор на зборот, која правејќи вивисекција на општеството, како да нė „враќа во иднината“. Нејзината фикција еднаква на моќ за издржано предвидување, како во делата на Џорџ Орвел, е во истовреме и застрашувачка и опоменувачка. Атвуд, оваа госпоѓа која набргу ќе наполни 84 години, со живост како на 20 годишна девојка и со мудрост како да ја живее петтата реинкарнација, не се откажува од борба, гради в гради, со апсурдното.

Нејзината новела „Приказната на робинката“ (некаде со наслов „Приказна на слугинката“) , напишана на изнајмена машина за пишување пред скоро 4 децении, приказна како фикција, ќе рече авторката, како демнач е во непосредна близина на светската реалност. Ова епохално дело, кое доживеа две екранизации, филмската индустрија ја засили во тв серија, со оригиналниот наслов „The Handmaid ́s tale“, која 5 сезони соборува рекорди на гледаност. Последната, шестата сезона, ќе се емитува кон крајот на август. Кој не ги гледал претходните, има време за да се надоврзе на Приказната, таа „рачно“ направена приказна која изместува. Во Атвудовата замислена Република Гилеад (како најстрашен американски ноќен кошмар), никој не смее да зборува, нема светлина, нема бои, нема музика, нема книги за жените, нема училишта, нема ништо. Само страв. Дури и во таа вонредна состојба, некои се осмелуваат да се надеваат дека еден убав ден, ден во кој ќе ги прати среќата, ќе успеат да побегнат. За мене, романот на моменти е толку болно реален, што имате впечаток дека низ таа болка веќе сте поминале. Баш така.
Во светот на тој религиозен фанатизам, како последица на граѓанска војна и загадена почва, „слободата на жената да го користи правото да раѓа по своја желба“ станува обвинение дека таа демографски го загрозува системот. Тогаш, со „силата на своите решенија“ настапува тоталитаризмот. Неплодните во логор, плодните како робинки кај угледните мажи на кои треба да им родат дете без право да бидат мајки.
Авторката не крие дека инспирацијата ја црпела од неколку „закони“ кои ги доживела како закани. На пример, Декретот на Чаушеску со кој се забранува абортусот, откако веќе во Романија бил воведен данок на брачните парови што немаат деца. Согласно на тој Декрет, жените морале да одат на гинеколог во придружба на полиција. Или, проповедта на фундаменаталната група на свештеници „Народ на надежта“ од Њу Џерси, САД, за кои жените биле божји слугинки, овоземни робинки на мажот. Или, кога децата на Индијанците завршувале во „добри бели семејства“ со изговор дека „не ги киднапираат туку ги спасуваат“. Ова било доволно за борбената и интелектуално силна Маргарет Атвуд преку своето пишување да алармира на освестување додека има време. Зашто, кога демократијата е нападната од создавачите на хаосот, работите ги „поправа“ тиранијата.
„Екстремистите најмногу се плашат од девојче со книга“, ќе изјави Малала Јусафзаи говорејќи за причините зошто Талибанците ја застрелаа. Оваа храбра 14 годишна Пакистанка ја преживеа сложената операција, ја доби Нобеловата награда за мир и ја продолжи борбата за правата на девојчињата на образование. Малала му ја раскажа на светот својата приказна, не како робинка.
Инаку, Маргарет Атвуд пред седум години беше кај нас како добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Изјави дека е воодушевена од македонското културното и историско минато, а дека силен впечаток и оставило тоа што имаме многу видови на птици. Во тоа време, ние веќе една деценија живеевме во општество кое беше „ќинисано“ кон поредокот од „Приказната на робинката“ и години во кои започна преселбата.
Во таа 2016 година, Доналд Трамп стана претседател на САД и за многумина ги разбуди спомените на романот од пред 4 децении. За таа промена во власта низ призма на нејзиниот роман, Маргарет Атвуд во едно интерву ќе изјави дека: „Демократските општества можат да исчезнат преку ноќ. Како молња“.
Инаку, како неуморен поборник за здравјето на Планетата, Маргарет Атвуд има напишано стотици страници за уништената природа од страна на човекот, од големите индустрии.
За жал, безмалку ниту Приказната ниту климатските промени не се фикција. Човекот, со лице на јагне со душа на волк, не е завршена приказна. Само чека. А природата дојде по своето. Со својата застрашувачка моќ ни ја повторува пораката дека опстанокот е во балансот.
Маргарет Атвуд засади дрво во Паркот на поезијата во Струга. Верувам ќе им одолее на временските закани. И ќе потсетува дека дури и на демократијата некогаш и е потребна помош. Демократија – не е само збор напишан со водоотпорен спреј на фасада. Ниту слободата.

Последни вести