fbpx

Андреј Петров за Рацин.мк: На ВМРО-ДПМНЕ им е јасно дека не постои бугарски диктат, само не им се допаѓа тајмингот што тоа се случува додека е СДСМ на власт

Facebook
Twitter
LinkedIn

Др. Андреј Петров искусен политичар, поранешен пратеник и градоначалник во интервју за Рацин.мк вели дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ мора да изградат консензус и да им ја донесат на граѓаните европската перспектива, а потоа да прејдат на заедничка борба против криминалот и корупцијата кој го разјадува општеството веќе 30 години. Без наши и ваши, туку со чесни и нечесни.

Коментирајќи го отпорот што ВМРО-ДПМНЕ го прави кон уставните измени Андреј Петов смета дека во таа партија има луѓе кои со сигурност мислат поинаку од раководството и дека и ним им е сосема јасно дека ова што е на масата не е никаков бугарски диктат туку дека не им се допаѓа тајмингот што тоа се случува во време додека е СДСМ на власт.

Во однос на тоа каква ќе биде разврската по изборите кога и да се случат Петров е сигурен дека доколку не се продолжи европскиот пат на земјата, тоа ќе му донесе сигурна победа на СДСМ заради многу поголемиот коалиционен потенцијал.

Со Андреј Петров Разговараше Љубиша Николовски

Љубиша Николовски: Се чини дека јазот меѓу партиите на власт и оние во опозиција се зголемува во однос на геостратшкиот интерес на Македонија. Додека СДСМ говори за европска перспектива на земјата, опозицијата се почесто заговара и други форми на асоцирање. Каков е вашиот став околу оваа дисонанца во однос на перспективата на Македонија?

Андреј Петров: Не смее да се експериментира со европската иднина на земјата, ова е прашање кое е над теснопартиските интереси.

СДСМ и ВМРО ДПМНЕ мора да изградат консензус прво околу ова прашање, да им ја донесат на граѓаните европската перспектива и тука не е дозволено политикантство, а потоа да прејдат на следното прашање -консензус за заедничка борба против криминалот и корупцијата кој го разјадува општеството веќе 30 години. Без наши и ваши, туку со чесни и нечесни. Со име и презиме, без генерализирање. Заради младите кои се про ЕУ многу повеќе од скепсата на возрасните кои велат што ќе ни е, нема да не примат итн. Да изградиме систем на вредности, а тоа го гарантира членството во ЕУ.

Засега ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на ставот против уставните измени под изговор за наводен „бугарски диктат“. Сметате ли дека во партијата постојат струи кои може да има различен став од лидерот Мицкоски по однос на уставните измени?

Не можам да толкувам какви се состојбите во ВМРО. Тоа е нивна внатрешна работа. Јас познавам многу искусни луѓе таму и се надевам дека нема да погрешат. Можам да зборувам она што го гледам јавно а тоа е дека тие се против уставни измени. Но, при тоа нема аргумент зошто се против. И мислам дека им е сосема јасно дека ова што е на масата не е никаков бугарски диктат и дека со ништо не го погазува македонскиот идентитет и јазик што се докажа со признавањето на нашиот јазик од сите земји членки на Унијата, вклучително и Бугарија и Грција. Мислам дека чесниот одговор што треба да го дадат е дека не е проблем во европскиот договор, туку дека не им се допаѓа тајмингот што тоа се случува во време додека е СДСМ на власт. Но, тоа не е аргумент. Утре така може и било кој друг да се однесува и државата да тапка во место. Нема ќар од таква политика. Само зијан за државата. И изгубени генерации. И уште многу години во празно.

Многумина сметаат дека доколку СДСМ не успее во обидот да ги продолжи преговорите со ЕУ на следните избори ќе доживее пораз?

Не мислам така. СДСМ има исправна позиција во однос на европските интеграции. Но тоа прашање е натпартиско. Тоа е обврска за сите. Мислам дека поларизацијата која ќе настане доколку не се продолжи европскиот пат ќе му донесе сигурна победа на СДСМ заради многу поголемиот коалиционен потенцијал, но за државата најдобро е да се донесе со консензус оваа значајна одлука за иднината на земјата.

Иднината на земјата е во ЕУ. И тоа добро го знаеме сите. Тоа го подрржуваат повеќе од 70 проценти од граѓаните на Македонија. Јас не познавам политика на СДСМ во изминативе 30 години која не била на линија на ЕУ и НАТО. Дури и тогаш кога дуваа популистички ветрови дека сме потомци на Александар, дури и тогаш кога гласот на СДСМ личеше прилично осамен, ние сме ја држеле таа линија. Сетете се на влезот во ОН или на кандидатскиот статур за ЕУ или на рамковниот договор, секогаш беше СДСМ и секогаш беше на правата страна. Страната на иднината, а не на страната на митологијата и фикцијата. За мене никогаш немало дилеми дека тоа е вистинскиот пат.

Дали така мислат и ваши поранешни сопартијци кои сега не се активни?

Верувам дека во тоа се уверени и многу други со кои сме имале истакнати функции од СДСМ. Многумина не разбираат дека старите шеми не функционираат веќе. Македонија е членка на НАТО и има сосема различни правила на однесување.

Дали сегашното раководство треба да направи гест на помирување и нивно поактивно вклучување во политичкиот и јавен дискурс?

Сегашното раководство предводено од господинот Ковачевски се обиде да направи вклучување на сите. И голем број луѓе тоа го прифатија. Сите кои чесно ќе одговорат на тоа прашање знаат дека тоа е така. А дали некој бил спремен на таков чин, тоа е сепак личен став. Секој со свој памет оценува што е добро а што не е. Суштински не гледам мотив да бидете против, бидејќи не може секогаш да бидете во центарот на вниманието. Оваа влада започна многу болни реформски процеси и мене лично ми се допаѓа тоа што не се однесуваат калкулантски. И тоа изненади многумина. Маани може секогаш да се наоѓаат, а и секој кој работи и греши, безгрешни се само оние кои никогаш ништо не сработеле и силата ја црпеле од политичките кујни.

Помина долго време од своевидната поделба во СДСМ на Бранковисти и Заевисти, но неприфаќањето на новата владеачка гарнитура кај добар дел од поранешните партиски активисти како сѐ уште да постои. Дали тоа се должи на типична СДСМ-овска суета или станува збор за подлабока идеолошка разлика?

Мислам дека во демократијата е нормално да имате различни мислења. Не е нормално секогаш исто да мислите, тоа е одлика на тоталитарни општества. Поминаа многу години, повеќе од една деценија и за мене најважно од сѐ е што го издржавме тестот на времето. Никој не направи ништо во овие десетина години што би било на штета на СДСМ независно од личните ставови, позиции во општеството, или евентуално незадоволство, оправдано или неоправдано, лично или пак базирано со несогласувања со одредени процеси. Бавењето со себе, никогаш не бил оправдан пристап а и времето покажа дека никогаш не довело до долгорочна корист на државата. Народот вели: Ако не можеш добро да направиш, зијан немој да правиш. Особено не разбирам како ќе се здружиш со некој само заради одмазда или гола прагма. Еднаш го видовме тоа со потегот на Тито Петковски во 2006 година кога излезе од СДСМ и знаеме како тоа заврши – со формирање на власт која не доведе до стиропорите на Скопје 2014 година кои денес се ронат. А репризите се секогаш полоши од оригиналот.

Можно ли е поранешниот лидер Бранко Црвенковски да има влијание врз нив дотолку повеќе што тој јавно и јасно се огради од политиките на сегашното раководство особено по прашањето на европските интеграции?

Не верувам во тоа. Секој размислува со своја глава. Само малолетни деца може да се вадат дека некој друг нешто им наложил. А и зошто би го направил тоа? А секој има право да искаже своја загриженост за одредени процеси па и тој, но јас тоа не го гледам како злонамерно. Мое мислење е дека претпазливоста е потребна, стравовите се реални, но одлучноста и решеноста да се извози овој европски пат е за мене поважна. Немаме алтернативно решение. Често седам со млади луѓе, мои студенти, идни доктори кои 80% учат германски уште за време на студии па ги пакуваат потоа куферите за Германија. Ајде да ги задржиме тука за да не плачеме после тоа дека не ни го бива здравството. Треба да ја прекинеме голготата од иселување и да ја денесеме Европа дома. Па не сме ние поглупави ни од Бугарија, ниту од Романија, ни ту пак од Унгарија и другите што беа многу позади нас, а денес се далеку пред нас.

Последни вести