ПРАВИЛО „ЛЕБАРКА“
Се чита: околу 5 минути
Се разбира: и пред истекот на предвиденото време за читање
Лебарката или бубашвабата е една од најомразените и најпрогонувани инсекти во целиот свет. Иако има повеќе видови, сите лебарки имаат исти „карактерни особини“ и исти омилени живеалишта – валкани, влажни и темни места (предност има канализацијата). Кога излегуваат од „подземјето“ , најчесто преку водоводната или електричната инсталација, доаѓаат до „омилените дестинации“ – нашите домови.
Било да се црвеникави, светло или темно кафени или црни, еднакво се згрозуваме од нив. За нивно елиминирање се посегнува по сите возможни стари и нови препарати. И најдобриот инсектицид , најчесто, е со траење од два месеца. Тоа е доволно за засолнување и за нова тура гадинки чие време за размножување е исто – шеесет денови и најмалку 16 потомци.
Напикани во куфери, во картонски кутии, па дури и во електрични апарати или во нивната амбалажа, лебарките се најмобилните „светски патници“ од животинскиот свет без крилја (некои иако имаат крилја, употребливи им се само за кус прелет) . Ги има во сите држави, во сите градови. Веројатно, и под кадите во сите домови. Лошо е кога ќе се напикаат (инсталираат) по коридорот на инсталациите. Ноќта им е омилен дел од денот и уживаат во мирисот на кантата за отпадоци. Кога домаќините ќе си легнат, домот станува „сопственост“ на лебарките. Нивната „прошетка“ по домот е всушност разнесување на невидлива нечистотија и подмолни бактерии. Со последиците по нашето здравје се соочуваме отпосле. Заразувањето е во зависност и од тоа колку долго, свесно или не, сме го толерирале „шетањето“ на лебарката.
Борбата со лебарките од подземјето и од инсталациите, а некои влезени во нашите животи и преку ширум отворени прозорци или врати, е светски проблем. Поради нивната брза мутација и целосното адаптирање на сопствениот одбранбен механизам од уништување, за лебарката се вели дека би преживеала и нуклеарна војна.
Поради воочената интелигенција на овие гадинки, во нивното истребување е вклучена и науката. Еден од истражувачите на Универзитетот во Северна Каролина, САД, вели дека во писмените изјави на неколку служби за дезинсекција се тврди дека не можат да ги уништат лебарките зашто не го јадат поставениот мамец. „Ние им фрламе инсектициди, а тие постојано еволуираат за да нè надмудрат“- ќе изјави истражувачот од САД.
За „борбата“ со лебарките постојат записи дури и од древниот Египет. Сегашноста е потврда дека таа борба не само што не успеала туку како и човекот да се адаптирал на нивното присуство. Дури, според едно истражување, новите генерации-лебарки сė со подобро здравје од нивните родители зашто „апстинираат“ од шеќерот кој порано бил користен за мамка.
„Како што секоја бубашваба знае, тајната на успехот е да ги победиш отровите“-Мејсон Кули.
Во напорите за истребување на лебарката, науката започна да го проучува и нејзиниот карактер. Така е развиена и теоријата (правилото) „Лебарка“ која ја применува ФБИ во долгогодишната борба со мафијата: „кога е темно, таа е рашетана насекаде. Кога ќе запалите светло, се крие!“
ПОУКА: Запалено светло = драстично намалена активност на лебарките. Тогаш се тргнува во „пресметка“ со нив.
И уште нешто за овие гадинки. Иако природата не им е омилена животна средина, невдомените лебарки демнат под паднати лисја и искосена трева.
ПОУКА: Отпад се собира на време и не секој отпад се рециклира.
Пред извесно време, прочитав статија која се повикува на видео, објавено на ТикТок, на извесен д-р Каран Раџ и неговото тврдење дека со секоја шолја мелено кафе голема е веројатноста да испиваме и парчиња мелени бубашваби како дозволен одреден степен на присуство на инсекти. Затоа се препорачува да се купува кафе во зрна.
ПОУКА: И најмалото дозволено ниво на нечистотија и инсекти еден ден неподносливо ќе се акумулира во и околу нас.
И на крајот. Прочитав податок дека бубашвабата може да живее без глава неколку недели. Не знам дали овој податок е точен а, и да е, што се неколку недели?