fbpx

Колумна на Перо Костадинов: ДОБРИНАТА Е НАШАТА СИЛА И НАДЕЖ

Facebook
Twitter
LinkedIn

ДОБРИНАТА Е НАШАТА СИЛА И НАДЕЖ

Глобализацијата на крајот на 20 век и почетокот на 21 век бележи свет на високи стапки на раст, монетарно збогатување и слободен проток на стоки и капитал во светот. Живееме во цивилизација каде се е предодредено на материјалните богатства и профитот, и каде како луѓе се соочуваме со оттуѓеност од вистинските човечки вредности кои го прават еден живот вреден за живеење.

Непишаните правила на денешницата подредени на богатствата ја одредуваат среќата и несреќата, удобноста, успехот, кариерата и опстанокот на секој еден човек, каде и да живее.

Човекот денес, е соочен со предизвикот како да го пронајде балансот помеѓу духовноста, мирот и секојдневните материјални потреби со кои се соочуваме, и како да проживее во свет на непредвидливост, оттуѓеност и искушенија.
Во 21 век човештвото се соочи со вирус кој посеа страв насекаде, донесе глобална рецесија, социјални, политички и воени судири, закана од нуклеарна ескалација, будење на претензии кон делови од други земји, инфлација, ширење на сиромаштија и растечки автократии. Како луѓе се обидуваме да ги игнорираме вознемирувачките сигнали и да се фокусираме на секојдневните задачи, но доведени сме до точка во која не секогаш успеваме во таа намера. Се создава перцепција како да е дојдено време кога човечкиот род посветено работи на своето самоуништување. Тоа вознемирува и отвара многу нови прашања пред секој еден човек.
Живееме во време во кое раслоеноста меѓу богатите и сиромашните во светот се зголемува и бележи трендови кои не навестуваат успорување. Збунетоста за тоа е предизвикана од фактот што како светот да е предодреден на неправедна распределба на капиталот и незауздив антагонизам меѓу класите. Затоа, не е самото акумулирање на капитал она што го нервира обичниот човек, туку губењето на основното човечко и работничко достоинство и постојаниот очај од влегување во морални компромиси со себе и со општеството. Од друга страна, оној со богатство, покрај сè друго има и морален монопол поради неговата обезбедена егзистенција и голем вишок на средства со кои може да се занимава со хуманитарни и добротворни активности. Со парите, богатите стекнуваат и право на великодушност, што во суштина е нематеријална вредност.

Ова е основата на денешната филантропија, бидејќи денес тој што има пари има и монопол на добрината. Само тој е способен за колосални дела, да ги спасува гладните и сиромашните, да гради градови погодени од климатски катастрофи, како и уметноста и културата да зависат од неговите инвестиции и донации. Добротворноста како да е уништена сама по себе. Доминантниот систем на аспирации и потребата да се занимаваме со милосрдието како вредност, не доведе до точка на обезвреднување на истиот и деградирајќи го секој обид на оние кои немаат материјални средства да бидат подобри. Љубезноста и љубовта отсекогаш биле нешто кое било достапно за сите. Но денес, богатите управуваат и со вредносните системи и ги диктираат критериумите на достигнување и хуманост. Ова предизвикува антагонизам меѓу класите и светот го носи кон најнепремостивиот судир пред нас.

На денешниот сè поладен и отуѓен свет, потребни му се вистински човечки вредности и позитивни дела.

Виртуелните патишта кои водат кон бездушната материјална добивка, не поттикнуваат добрина, хуманост, солидарност и емпатија.

Тоа се патиштата кои ја истиснуваат волјата и ја пригушуваат моќта на желбата, да се биде добар човек.

На денешниот ладен и отуѓен свет, потребни му се вистински човечки вредности, праведност и многу позитивни дела, како мали победи на човечноста.

Како луѓе, во својата природа ја имаме подготвеноста да нанесуваме добро и да шириме љубов, кон останатите. Овие вредности, денес ни се неопходни за да изградиме свет на благосостојбата и човечноста. Време е да се посветиме на вистинските вредности и да го напуштиме патот на суетата, алчноста и нетрпеливоста, како замка на современоста. Менувајќи се себеси денес, го менуваме светот утре.

Одговорни сме за системот во кој живееме и треба да станеме промената што очекуваме да ја видиме.

Последни вести