fbpx

Димитров: Заложбите на г-ѓа Сиљановска за поништување на Преспа се закана за македонската иднина

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми, Никола Димитров, носител на листата во ИЕ 1

 

Почитувани,

Слушнавме преку викендот дека г-ѓа Сиљановска ќе барала да се поништи Преспанскиот договор. Договор што го поддржаа речиси 610 000 македонски граѓани кои гласаа „За“ на Референдумот, којшто за да биде успешен не ни фалеа повеќе гласови „За“, туку ни фалеа гласови „Против“. Договор што го поддржаа 2/3 од народните пратеници во Собранието.

Договор што не’ зачлени во НАТО и ни ги отвори вратите за членство во ЕУ.

Би сакал да расчистам една работа: Името што го наследивме од нашите претци и што е константа во сите сложени имиња во историјата на македонската држава е името и именката Македонија. Прво, веднаш по Втората светска војна како Демократска Федерална Македонија, од 1946 год. Народна Република Македонија, подоцна од 1963 год. Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија во времето на независноста и сега Република Северна Македонија или Северна Македонија.

Која е константата во сите овие сложени имиња? Се разбира името, именката Македонија. Нити сме ние Мадагаскар, нити сме Маурицус или Монголија, а уште помалку Скопје.

Да потсетам уште еднаш на зборовите на медијаторот Нимиц: по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик.

Што ова воопшто значи? Ќе барала да се поништи Преспанскиот договор?!

Тоа значи дека г-ѓа Сиљановска се залага да го поништиме договорот што е гарант на македонската иднина.

Тоа значи дека г-ѓа Сиљановска се залага да го симнеме НАТО знамето пред Собранието.

Тоа значи дека г-ѓа Сиљановска се залага да заборавиме на Европската Унија.

Да им кажеме „не фала, ние повеќе сакаме преплатени споменици и повеќе сакаме да ни се обраќате со Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Дали Вие г-ѓо Сиљановска сте подготвена за последиците од ваквиот чекор, дали Вие сте воопшто сериозна?
Во слепиот занес за власт ќе рушите историски чекори што воопшто не ги разбирате.

Со каква тоа неподнослива леснотија се дрзнувате да се расфрлате со вакви закани по македонската иднина.

Зошто тогаш неодамна во ваш пост-анализа се повикавте токму на Преспанскиот договор во одбрана на македонскиот јазик.

Ако вашата понуда е поништување на Преспа, што им нудите на Македонците кои зборуваат македонски јазик како алтернатива за НАТО членството и за пристапниот процес со ЕУ.

Ве прашувам, ако Вие бевте пратеничка во сегашниот состав на Собранието, како ќе гласавте на прашањето на собранискиот спикер: Дали сте за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО?

Разбирам дека г-ѓа Сиљановска често делува небаре се срами од партијата што ја кандидирала и чиј што носител е. И јас би се срамел. Но освен што не го познава статутот, очигледно не ја прочитала ниту програмата, каде ДПМНЕ сепак не се осмелува да отиде дотаму на црно бело да напише дека ќе го поништи Договорот којшто е гаранција за македонската иднина.

И на крајот за да ги исклучиме сите недоумици, бидејќи понекогаш јавните настапи и’ се конфузни, јавно ја повикувам уште еднаш на македонската јавност да и’ каже дали се залага за понишутвање на Преспанскиот договор.

Последни вести