Ќе се затворат дивите депонии и ѓубриштата во 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион, со одлука на Владата. Во првата фаза од овој проект предвидено е да се исчистат 70 диви депонии (ѓубришта), како и седум од нестандардните депонии лоцирани во овие два региона.
За чистење и рекултивирање на депониите во овие два региона ќе се одвојат околу 10 милиони евра, при што на тендер за секој регион одделно се избрани компании од Турција и Германија коишто ќе ги извршат активностите за чистење на депониите и ѓубриштата.
Покрај отстранувањето на отпадот, процесот на рекултивација опфаќа поставување на ограда и канал за атмосферски води на локациите, додека јавните комунални претпријатија на општините во наредните години ќе бидат должни да вршат мониторинг на подземните води, визуелна проверка на теренот и да ја одржуваат оградата на расчистените и рекултивирани места.