fbpx

Скопјани вежбаа за подобро здравје, Градот Скопје ќе отвори две летни сцени

Facebook
Twitter
LinkedIn

Огромен интерес кај граѓаните побуди проектот „Скопје вежба“ кој во изминативе три месеци го реализира Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Во текот на 44 дена, дури 3.000 граѓани од различни возрасти ја искористија можноста бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од факултетот. Граѓаните вежбаа гимнастика, аеробик, пилатес, бокс, моторика, јога, голф и фудбал…

Проектот „Скопје вежба“ имаше за цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма. Значајно е да се нагласи дека при изведување на вежбите се почитуваа сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид 19.Градот Скопје финансиски го поддржа овој спортско рекреативен и забавен проект со 500.000 денари.

Во исто време Градот Скопје започна постапки за изведба на две летни отворени сцени во зелениот појас на Градски парк во Скопје, едната спроти Сточарскиот институт во вториот дел во Градскиот парк и другата во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“. Двете сцени ќе се изведуваат според наградените решенија, каде Град Скопје минатата година објави оглас за конкурс за избор на три партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“ на три локации во зелениот појас на Градскиот парк во Скопје. Град Скопје најдобрите трудови ги награди со по 70.000 денари за секоја од трите локации.

Ваквите отворени сцени се потребни за Скопје и скопјани, особено во период на пандемија. Со изградбата на летните сцени Скопје ќе добие нови локации каде ќе се организираат бројни настани, а ќе овозможат на скопјани да уживаат во квалитетни културни и музички изведби.

Последни вести