Палеонтолошкиот локалитет Стамер, во Општина Делчево, каде се пронајдени фосилни остатоци стари милиони години, се стекна со статус на природно наследство. Од Министерство за животна средина и просторно планирање информираат дека за три локалитета во делчевскиот регион, согласно Законот за заштита на природата, биле донесени решенија за прогласување за природни реткости во 2019 година.
„Со прогласување на палеонтолошкиот локалитет Стамер, карактеристичниот геолошки профил Звегор и Киселичка Пештера за природни реткости и нивно соодветно управување и уредување ќе се овозможи заштита и зачувување на исклучително вредните палеонтолошки наоди на пикермиска фауна, геоморфолошки форми, но и заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење“, изјави државниот секретар во Министерството, Каја Шукова.
Локалитетот Стамер кај Делчево е последен меѓу 16-те досега евидентирани палеонтолошки локалитети во Македонија, но очигледно со многу вредни наоди. На овој локалитет пронајден е уникатен фосилен материјал каде неогените седименти вклучуваат различни фосилоносни слоеви. На локалитетот се поставени информативни и едукативни табли, дрвени патокази, видиковец и витрина со скулптури од дел од пронајдените фосили во природна големина, што го прави особено интересен за посетителите.