Mожам гордо да кажам дека се изградени четири булевари, еден мост завршен во Аеродром, друг почнат во Карпош, 110 километри велосипедски патеки, многу зеленило, по 40 години зборување за трамвај, сега Бас рапид транзитот е тендериран, нагласи градоначалникот Петре Шилегов, во гостување на Канал5 ТВ. Тој потсети дека за време на неговиот мандат е изграден и стационар што го решава долгогодишниот проблем со кучињата скитници, а пробиени се и многу сообраќајни коридори кои беа рак рана на скопјани.
„ВМРО-ДПМНЕ 27 години претходно управуваше со нашиот град и сите аномалии коишто се појавуваат во Скопје, кои овие 4 години макотрпно работиме да ги отстраниме се аномалии од нивното невладеење“ кажа Шилегов.
Градоначалникот додаде дека многу членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за него, токму поради сработеното во овие четири години.
„ВМРО-ДПМНЕ се уште не излегува пред скопјани со свој кандидат и се крие позади независниот кандидат Данела Арсовска“ рече Шилегов, додавајќи дека врз основа на добра анализа е направена добра стратегија за вистински развој на градот.