Од најдоброто од минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина, порача премиерот Зоран Заев на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата. Тој потсети дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја и дека македонскиот народ никогаш не водел освојувачки војни, туку организирал отпор и револуционерни борби за национална слобода и правда.
„Токму нам, на сегашните генерации ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава. Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот демократски цивилизациски свет“ истакна Заев.
Тој кажа дека сега Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани и работите се менуваат кон подобро. Заев нагласи дека со постигнатите договори од изминатиов период, со кои се потврди македонскиот идентитет, веќе е реализирана една од стратешките цели на државата, односно членството во НАТО, со што се зацврстува суверенитетот и безбедноста на Република Северна Македонија.
„Сега Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште реалност. Преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба и успешната приказна на Северна Македонија започна да го менува наративот за Балканот. Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век“ рече Заев во дел од обраќањето.
Тој заклучи дека од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат, а иако во еден период бевме заробено општество и изолирана држава, сега сме напредна, отворена земја, пријател со демократскиот свет.