Владата активно работи на искористување на природните ресурси, како сонцето, ветерот и водата за успешно и постепено менување на производството на електрична енергија од јаглен со производство од обновливи извори, според насоките во Стратегијата на ЕУ за поголема грижа за животната средина.
Премиерот Зоран Заев на средбата со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, истакна дека со Законот за стратешки инвестиции се отворија можности за препознавање на заложбите на Владата од страна на големите инвеститори.
Копач честиташе за позитивниот исчекор направен во изминатиот период во полето на енергетиката и посочи дека земјава бележи напредок во однос на имплементацијата на законодавството на ЕУ во оваа област.
Владата ја информираше јавноста: „Според мислењето на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, проектот на ЕФТ „Солар“ за „Сончева електрична централа Ерџелија“ и проектот на Ветерен парк Вирови за „Ветерна електрана Вирови“ ги исполнуваат условите од Законот за стратешки инвестиции и со овие одлуки тие се квалификуваат за вадење банкарска гаранција која им е неопходна за целосно затворање на постапката за стратешки инвестиции“.
Од земја зависна од скап увоз на енергија, денес сме земја која континуирано напредува во енергетските реформи, а државата го трансформира и модернизира својот енергетски систем, што претствува потврда за посветеноста на Владата на инвестициите во зелени, еколошки и обновливи извори на енергија со цел да обезбеди поевтини извори на енергија, здрава животна средина и почист воздух за сите.