Според мерењата на Институтот за економија и мир (ИЕП) повеќето земји во Западен Балкан забележале напредок во состојбата на мирот, безбедноста и внатрешната стабилност.
На светско ниво, лидерското место на оваа табела и годинава го задржа Исланд, а последното 163. место повторно го држи Авганистан каде мирот е под голема закана откако неодамна се повлекоа американските сили и власта ја презедоа Талибанците.
Балканските земји на оваа листа ги предводи Северна Македонија која годинава во однос на индексот на мирот бележи напредок од 11 позиции во однос на минатата година и е рангирана на 40. место. Со пад од три позиции, се најде Србија на 44. место и Албанија со пад од 2 позиции на 48. место, а мал скок имаат Црна Гора (51. место) и Босна и Херцеговина која е на 72. место и веќе на втората половина од табелата, додека Косово си ја задржа својата позиција на 82. место.
Високо на табелата според безбедноста котира Словенија, на петтото место и со скок од пет позиции, а нивните соседи Хрватска се на 17.тото место односно шест позиции погоре, дури и побезбедни од Германија која е на 18. место. На Балканот пад на нивото на безбедност и мир забележа и Грција која се најде на 66. место.
ИЕП рангира 163 независни земји и територии во светот оценувајќи ја состојбата со мирот во тие земји во публикацијата „Global Peace Index“ (Индекс на мирот) за 2021 година.
Индексот на мирот за 2021 година открива дека светот станал немирен по деветти пат во последните 13 години, со просечното ниво на безбедност на земјите се влошила за 0,07 проценти во текот на минатата година. Севкупно, состојбата со мирот се подобри во 87 земји, а се влоши во 73 земји, нагласувајќи дека падовите во мирот се генерално поголеми од подобрувањата.
Истражувањата на Институтот за економија и мир ги користат владите, академските институции, тинк -тенк и невладините организации како и меѓувладини институции како што се ОЕЦД, Секретаријатот на Комонвелтот, Светската банка и Обединетите нации. Институтот е со седиште во Сиднеј и има канцеларии во 6 земји низ светот.