„Постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас“, порача од посетата во Скопје претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Таа кажа дека сега е време на Унијата да испорача.
„Со двете страни работиме и разговараме, и со Бугарија, со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, сè со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција. Наша цел е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија пред крајот на годината“, кажа Лајен.
Премиерот Зоран Заев потенцира дека ќе ги интензивира разговорите со Бугарија со искрена волја да се направат чекори поблиску до решение на отворените прашања.
„Идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори и среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања, кои се исто така и европски вредности“
Еврокомесарот Оливер Вархеји исто така беше категоричен дека Скопје и Тирана ги исполниле неопходните предуслови за почеток на пристапните преговори со Брисел, додавајќи дека ЕУ треба да испорача.