Значително се работи на подобрување на состојбата со капацитетите на градинките, па така од 2017 година до сега капацитетот за згрижување на децата е зголемен за вкупно 3.336 деца. Односно, отворени се вкупно 59 нови објекти и тоа групи во други просторни услови кои се распределени во 12 нови јавни установи за деца-детски градинки, 27 нови објекти во рамки на постојните јавни установи, како и 20 нови групи во други просторни услови.
Како што информираат од Министерство за труд и социјална политика до крајот на годинава е предвидено да отворат уште 13 градинки, односно објекти во кои ќе бидат згрижени повеќе од 1.400 деца од предучилишна возраст.
„Продолжуваме да го прошируваме капацитетот на детските градинки имајќи ја предвид важноста на предучилишното образование во понатамошниот развој на децата. Дополнително работиме и на усовршување и подобрување на професионалните перформанси на вработените во градинките. Затоа што за нас секое дете е важно“, рече Шахпаска, а токму еден од новите објекти кои се при крај со градежните активности се наоѓа во скопско Волково.
„Пред година и половина од Волково ја стартувавме приказната за изградба на нов објект на градинката „Росица“. Многу посветено и со силна поддршка од централната власт сега може да констатираме дека оваа кружна градинка е во завршна фаза“, рече градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.