Интегрално обраќање на претседателот Зоран Заев на 26. Конгрес на СДСМ
Почитувани делегати, почитувани другари и другарки,
Почитувани граѓани, новинари,
Почитувани гости од земјава и од странство,
Почитувани претставници на политичките партии од државата, регионот и од Европа.
Чест ми е да го отворам 26-тиот, изборен, Конгрес на СДСМ! Одговорни како и досега, поради коронавирусот, Kонгресот повторно го организираме дигитално, преку онлајн алатките што ни стојат на располагање.
Во изминатите речиси четири години, од последниот изборен конгрес во 2017 година СДСМ носи државнички успеси.
И ќе додадам, тоа се историски успеси на нашата татковина, гордо исправена, слободна, економски силна и развојна, која чекори напред, по вистинскиот пат – тоа е нашата Северна Македонија, и мајка и татковина на нашиот македонски народ, на нашите сограѓани Албанци, на Турците, на Власите, на Ромите, на Србите, на Бошњаците и на сите други со кои тука живееме заедно.!
Успесите во овие четири години се заеднички, наши и на граѓаните, на нашиот народ.
СДСМ е државотворната партија на независна Република Македонија и гарантот за сигурна иднина на нашата современа Северна Македонија.
Tој епитет „државотворна партија“ сме го потврдувале многупати и пред 2017 година, а во последниве четири години одново, повторно, повеќе пати.
Не беше лесно, знаеме. Пред нас стоеја натрупани, сериозни предизвици. Но заедно со вас, со поддршката и волјата на социјалдемократите и со мнозинската волја на граѓаните – успеавме!
СДСМ наш, СДСМ мој, ти си гордост, а ние сме горди што те имаме, што те развиваме. Горди сме сите што сме дел од државотворна, демократска, одговорна, модерна, европска партија посветена пред се на граѓаните и на државата. Граѓаните и државата, нема ништо поважно!
Сите знаеме во какви услови ја добивме честа и довербата од граѓаните да ја водиме државата. Единаесет години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ оставија огромни, несогледливи последици во тоа време.
Државата ни беше опустошена.
Граѓаните беа осиромашени, меѓународно бевме изолирани, општеството поделено, правдата суспендирана, а слободата и демократијата погазени комплетно.
Додека граѓаните страдаа, државата одеше во погрешен правец, кон провалија.
Во таков амбиент се исправивме, кренавме глас, ја покажавме Вистината и заедно со граѓаните одлучно газевме по улиците, во борба за слобода и правда и демократија.
Излеговме со чесна понуда, со јасен „План за обезбедување нормален живот во Македонија“. Со нов концепт: враќање на парите кај граѓаните, со сите сили на прав пат, кон интеграција, со постојана борба со режимските наследници, со одлучност за воспоставување на правна држава и едно општество за сите.
Тоа граѓаните го препознаа и се приклучија! Го срушивме режимот на ВМРО-ДПМНЕ кој цела деценија ја држеше земјата во заложништво. Нашата татковина тргна напред, економски, политички, демократски, на секое можно поле.
За нас, за мене, немало мирен мандат, немало мирно море. Не сум го ни очекувал тоа. Имало само пoстојана битка за доброто на нашата земја, за нашиот народ.
Ние од почеток се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, од осамостојувањето на нашата држава.
Решававме и решаваме прашања за кои популизмот носи брзи политички поени, но истовремено и ќор сокак за идните генерации.
Преку храброст, визија и одлучност го решивме спорот со Грција и денес нашиот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници. Ја обезбедивме сигурната иднина на државата и народот, и го потврдивме македонскиот идентитет заедно со македонскиот јазик!
На внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се` за да ги спречува реформите, која прави се’ за да нема правда, да нема напредок, која блокира, кочи и го поткопува секој чекор кон подобро живеење.
Три големи борби водевме и се уште водиме во ова наше заедничко време:
Борба против режимот и неговите остатоци!
Борба за подобар живот, за повеќе пари кај граѓаните, за европски стандарди дома!
Борба за безбедна и сигурна иднина, за НАТО и ЕУ!
Со многу трпение и прецизно планирање, со мудри одлуки, со посветеност и над се’ со борбеност, ги добивме сите битка во изминатите четири години.
На 1 јуни 2017 со конституирањето на новата коалициска Влада предводена од СДСМ започна ново, светло поглавје во македонската историја.
Во првите 100 дена од мандатот ги поставивме контурите на политиките на оваа Влада на граѓаните за која: ЗБОРОТ Е ЗБОР.
Го реализиравме концептот „парите назад кај граѓаните“ ја зголемивме минималната плата од 9.000 на 14.500 денари, а денес таа изнесува 15.200 денари.
Платите почнаа да растат во сите сектори, просечната плата константно расте до денеска и стигна до над 28.000 денари.
Ги покачивме пензиите, ја зголемивме социјалната помош за 300%, го решивме проблемот со стечајците, а невработеноста ја намаливме на рекордно најниски стапки од независноста до сега.
Земјоделието и земјоделците ги поддржавме со рекордно највисоки 429 милиони евра. Немало подобри откупни цени и немало повисоки субвенции до сега.
Ја укинавме радиодифузната такса, воведовме евтина дневна тарифа на струјата и поврат на дел од ДДВто за физички лица.
Наместо на барок, споменици и криминални тендери парите ги насочивме кон проекти важни за граѓаните.
Изградивме и обновивме преку 500 километри патишта.
Обезбедивме историски највисок износ од 950 милиони евра странски инвестиции во 2018 и 2019 година.
Но, во исто време силно ги поддржавме и домашните инвеститори со над 100 милиони евра државна помош.
Денеска може да кажеме дека “Парите кај граѓаните” е првиот наш заеднички успех, почитувани другарки и другари. Но и првата суштина разлика помеѓу нас и ВМРO-ДПМНЕ , затоа што цели 11 години парите завршуваа кај неколкумина во власта, во барок, споменици и криминални тендери.
Нашиот белег како партија беше и се уште е: никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања.
СДСМ не ги туркаше под тепих најтешките проблеми. Напротив, СДСМ се вложи во целост и го поведе народот кон решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на земјата.
Со храброста на раководството и на членството на СДСМ, со мнозинската волја на нашиот народ, ние станавме членка на НАТО Алијансата и сега ја водиме финалната акција за старт на преговорите со ЕУ од којашто веќе од лани имаме донесено одлука за почеток на преговорите.
Благодарен сум и оддавам почит и признание на сите што се вградија во овие важни државни процеси.
Заедно постигнувме историски успеси со зачувување на македонскиот идентитет, за цементирање на нашиот територијален интегритет преку членството во НАТО и за етаблирање на нашата Северна Македонија на светската политичка сцена, со најмоќните сојузници во светот, како почитувана и мирољубива земја.
Една од двете стратешки цели поставени уште пред 30 години денеска е остварена. Нашата татковина чекори напред, по вистинскиот, по европскиот пат и нема враќање назад, продолжуваме напред!
Тоа е нашиот втор голем, историски, државнички успех. И уште една суштинска разлика со нашиот политички опонент, ВМРО-ДПМНЕ, кој 11 години земјата ја држеше изолирана и заробена, на погрешен пат.
Ние градевме и изградивме цврсти темели, на вистински вредности во кои веруваме, чувајќи ја цврсто, сигурно нашата посебност, нашиот македонски идентитет. Ја зајакнувавме арматурата на нашата држава, ги јакнеме меѓуетничките односи преку концептот „Едно општество за сите“ и преку институции кои работат за граѓаните.
Преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ние ја потврдивме нашата искрена добрососедска намера кон сите. Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми!
Овие наши државнички политики добија силна поддршка од граѓаните.
Убедливата победа на локалните избори во 2017 покажа дека граѓаните силно го препознаа нашиот чесен концепт, кој ги пренасочува парите кон граѓаните и води напред.
На 30 септември 2018 година на референдумот скоро 610.000 граѓани се изјаснија ЗА. Тоа беше голема поддршка за патот напред.
Тоа е најголема поддршка на една платформа предложена пред граѓаните, тоа се повеќе добиени гласови од гласовите на победниците на сите досегашни парламентарни или било какви избори.
Успесите на СДСМ продолжија и на претседателските избори 2019, и предвремени локални избори за општините Ново Село и Охрид. Претседателот Пендаровски е избран на предлог и со поддршка на СДСМ.
На предвремените парламентарни избори на 15 јули, СДСМ ја предводеше најголемата мултиетничка коалицијата „Можеме“ и победи на парламентарни избори. По цели 18 години СДСМ победува од позиција на власт, на демократиски и фер признаени и пофалени избори.
Победивме и на предвремените избори во Штип, во срцето на македонскиот исток.
Ова не се случајни успеси. Тоа се признанија од граѓаните за мерките и политиките што СДСМ ги преземаше во сиот овој период.
Покрај сите предизвици може да кажеме дека успешно се справивме со налетите на пандемијата, преземавме навремени и брзи мерки и политики за да го зачуваме здравјето на граѓаните.
Бројот на активни случаи опаѓа што е добар сигнал. Во тек е и масовната имунизација, има доволен број вакцини и процесот се одвива според утврдената динамика.
Благодарни сме на сите коишто учествуваа и се уште учествуваат во борбата против ковид вирусот.
Почитувани другарки и другари,
Четири години од преземањето на одговорноста да ги предводиме инситуциите, државата доживеа позитивна трансформација на секое поле.
На економски план, одржавме лекција. Од наследена економија во распад, изградивме стабилна, развојна економија која носи шанса за сите.
Пандемијата со коронавирусот и економската криза што настапи во светот, нанесе сериозни последици, но преземавме ефикасни и навремени чекори за ублажување на последиците и рестартирање на економијата. И успеавме!
Со економските пакет мерки успеавме да сочуваме повеќе од 100.000 работни места. Помогнавме по разни дополнително основи над 400.000 граѓани и над 35.000 компании. Над 65 милијарди денари директно се вбризгани во домаќинствата и во компаниите.
Преку субвенционирањето на придонесите на фирмите, за зголемувањето на платите на работниците до 6.000 денари, 200.000 работници ширум земјата имаат зголемување на своите плати.
Тоа е наш голем, заеднички економски успех во тешки околности, но и лекција како се работи чесно, одговорно и домаќински.
И ова е уште една разлика со нашиот опонент, ВМРО-ДПМНЕ.
Додека ние помагаме да се заштити здравјето и да се спасат човечки животи тие го поткопуваа здравствениот систем.
Додека ние помагавме да се спасат работни места, да се обезбеди поддршка за граѓаните и фирмите тие го блокираа Собранието.
Но, ние не подлегнуваме, ниту една блокада нема да не поколеба. Продолжуваме во интерес на граѓаните.
Здравството е еден од клучните ресори во секоја земја и ние ќе продолжиме да го третираме со должна почит. Токму затоа, во новото раководство ќе имаме повеќе здравствени работници, повеќе лекари.
Ќе продолжат инвестициите во здравствениот сектор. Ќе го продолжиме трендот на зголемување на раст на платите на здравствените работници и до 2024 година тие ќе бидат повисоки за 40 отсто, како што ветивме на минатите избори.
Здравствените работници ќе ја имаат нашата најискрена целосна поддршка.
Клучен чекор напред е продолжувањето со постапката за изградбата на нов, модерен клинички центар во Скопје, за што повторно ја повикуваме опозицијата да не го кочи овој проект што значи здравје за сите! Зашто имаме можност да добиеме до 50% грант, донација од ЕУ.
Почитувани,
За една демократија да може да напредува потребна е правда. За една економија да биде стабилна и предвидлива потребна е правна сигурност.
Затоа се посветивме на градење силна, независна и ефикасна правна држава која испорачува владеење на правото, подеднакво за сите. Нема веќе недопорливи, тоа денес сите го знаат.
Дојдовме до точка да ги заокружиме суштинските реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството.
На браникот на криминалот, како што сами си признаваа, стоеше целото раководство на опозицијата. Сепак, Законот за јавно обвинителство го донесовме во Собранието. Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници.
Во таа смисла, голем чекор напред е работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, согласно новите закони, најавија детална проверка на работата на судиите и обвинителите.
Ние го поддржувме и го поздравуваме тој суштински процес, и токму тоа сакаме да го видиме – целосно независна судска власт кој не е составена според тефтерчиња и да се води по политички агенди, туку само и само по законите и уставот на Република Северна Македонија. Нема назад со таа работа и нема веќе услови за контрола на правосудството. И тоа се покажа на дело изминатиов период. Така се води силна борба со корупција.
Правда и правна држава, почитувани, се дел од нашите успеси што заеднички ги постигнавме во овие четири години. И ова е уште една клучна разлика помеѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ.
Ние сме за правда, ред и дисциплина, тие се за неправда и одбрана на криминал.
Почитувани,
Во овие четири години СДСМ се промени многу, особено во начинот на работа и функционирање, во процесите на уште поголема демократизација на партијата.
Ја отворивме партијата за сите кои ги споделуваат социјалдемократските вредности и кои се подготвени да работат за доброто на државата и граѓаните.
Со последните измени на Статутот уште повеќе ја демократизиравме партијата, но и го зајакнавме учеството на младите и жените во органите и телата на СДСМ. Денеска до конгресот на СДСМ предлагаме 120 кандидати за членови на Централниот Одбор и 9 кандидати за членови на Надзорниот Одбор. Од 120 кандидати 60 се жени,60 се мажи а 45 се млади. Покрај целосно еднаква застапеност на жените и мажите имаме и 37, 5% застапеност на младите. Повеќе од две третини се нови членови на Центарлниот и Надзорниот Одбор на СДСМ.
За првпат СДСМ организираше внатрепартиски, непосредни избори за претседател на партијата. Со тоа поставивме нови стандарди на македонската политичка сцена и пример, кој веруваме дека ќе го следат и останатите партии.
Воведовме етички кодекс и нов мерит систем на функционирање на партијата, со што се мери успешноста на секој функционер назначен од СДСМ и се врши евалуација на постигнатото на градоначалниците и претседателите на општинските организации и највисокото раководство на СДСМ.
Ја впишавме црвената боја, како своја боја, бојата на социјалдемократијата, на левицата, бојата на слободата, бојата на борбата за подобра македонска иднина.
Денес социјалдемократското семејство брои над 80.000 членови и постојано расте.
Мрежата на СДСМ расте, формирани се нови општински организации. Денес, СДСМ е единствена партија во земјава која има локална организација во сите општини во државата.
СДСМ е партија НА сите граѓани, партија ЗА сите граѓани!
Сето тоа се нови вредности што токму СДСМ ги носи во плурализмот во Северна Македонија.
СДСМ победува затоа што постојано се менува.
Тоа е уште еднаш заеднички успех. Повторно, уште една голема разлика со ВМРО-ДПМНЕ. Се уште нереформирана, заглавена во режимската матрица во која ништо не се менува, само нешто се кочи и блокира. Ние влечеме напред, тие кочат. Но, ние сме посилни и со јасна цел и јасен став, и затоа успеавме во овие четири години дури и нив да ги повлечеме напред.
Почитувани делегати, другари и другарки,
Ова што досега го говорев е поврзано со отчетот за работата на СДСМ во изминатите четири години.
Пред нас се уште се’ бројни предизвици на секое поле за кои што ќе зборувам во работниот дел.
Започнува процес на нова политика, процес со кој СДСМ ќе остане прв во промените.
Следува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.
Таа нова политика ќе се реализира преку пет клучни столбови.
Прво, обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нашите луѓе.
Второ, ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот.
Трето, охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови.
Четврто, градење на СДСМ за новото време, млад СДСМ, прв во промените.
Петто, поттикнување, подигнување на мотивацијата на нашите граѓани.
За реализација на сите овие точки, сметам на членовите на новото партиско раководство, но и на сите човечки капацитети, за СДСМ уште подобро и попосветено да им служи на граѓаните и државата.
Посветена, чесна работа кој носи напредок, развој и интеграција се вредностите од кои се водиме и ќе продолжиме да се водиме како поединци и како партија.
СДСМ останува прв во промените.
Со таков пристап, СДСМ во наредните четири години ќе продолжи да биде одлучувачка сила која носи државнички одлуки и го движи македонското општество кон напредок, развој и интеграција.
Имајќи предвид дека ова е изборен Конгрес на кој ќе се бира нов состав на Централниот одбор, на Надзорниот одбор а потоа и ново раководство партијата, ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите кои беа дел од досегашното раководство на партијата.
Благодарам другари и другарки што се вклучивте во важни државнички процеси, што дадовте придонес во успесите, како на партијата, така и на државата. Благодарност до мојата другарка Радмила што беше моја заменичка во најтешките години кога земјата ја извадивме на прав пат.
Продолжуваме заедно. Пред социјалдемократското семејство се нови успеси.
Успеавме досега, а сега имаме нова обврска, повторно да успееме, за граѓаните, за државата, за иднината!
Да живее СДСМ! Да живее Северна Македонија! Да живеат сите граѓани на нашата татковина!