fbpx

Ковачевски: 31 година СДСМ е чувар на сегашноста, гарант на стабилноста, напредокот и иднината

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на свечената седница на Централниот одбор по повод 31 роденден на СДСМ

Гордост е на 31 роденден, како претседател, да се зборува за СДСМ. За се она што оваа партија низ годините го направи и го има направено за нашата држава и сите наши граѓани.

И треба да бидеме горди, секој социјалдемократ треба да биде горд на резултатите, на придонесот на СДСМ за државата. СДСМ е синоним за државотворност, одговорност, посветеност и синоним за модерна партија.

Речиси и да немаше години на мирно море за СДСМ. Но, сепак, покрај се’ успевавме.

Бевме разум кога други потпалуваа тензии, водевме напред кога други влечеа назад, обединувавме кога други делеа. Така беше, така е и сега. Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна.

Од процесот на создавањето независна македонска држава, меѓународно признаена, градењето институции, преку кандидатски статус за членство во ЕУ до решавање на спорот и реализирање на стратешката цел, полноправно членство во НАТО, од борбата со ковид пандемијата, па се до последната економска и енергетска криза. Ние, СДСМ, и се она што означуваат овие 4 букви бевме секогаш предводници во решавањето на овие проблеми.

И еве не повторно, 31иот роденден го одбележуваме во многу сложени општествено економско политички околности предизвикани од глобални процеси.

Целиот свет се соочува со најголема економска и енергетска криза по втората светска војна и тоа особено поради агресијата на Русија врз Украина.

Не се изминати ниту 100 дена откако ја преземав одговорноста да ја водам актуелната Влада предводена од СДСМ.

За само 90 дена, во време на најголема економска и енергетска криза успеавме:

– Да ја стабилизираме цената на струјата, со помош на субвенционирање на сметките на граѓаните и да имаме најниска цена на енергијата во регионот.

– Ја покачивме минималната плата, двојно повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари.

– Ги покачивме рекордно пензиите и воведовме дополнителна помош за секој пензионер,

– Донесовме 26 мерки вредни 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и компаниите.

– Спречивме силен ценовен шок, цените ги одржуваме стабилни.

– Финансиски ги поддржавме најранливите категории на граѓани, 35 илјади наши најранливи категории на сограѓани примаат дополнителна месечна помош.

– Нема застој во снабдувањата со храна, со гориво, гас, греење кога гледаме што се се случува околу нас.

И разговараме за нови покачувања на платите, во образованието но и во други сектори.

Република Северна Македонија ќе ги продложи реформите во сите области со кои ќе ја подготвиме земјава за полноправно членство во Унијата. Тоа се процеси кои ги водиме за наше добро, за развој на нашата земја и подобри услови за нашите граѓани но и на идните поколенија.

Ќе продолжиме да бараме решение и понатаму со Бугарија, но ќе го чуваме и нашето достоинство. Никој нема право да си игра со достоинството на нашиот народ и ние сме тие којшто тоа трба да го заштитиме.

Ова го зборувам на роденденот на СДСМ затоа што сите овие државнички, тешки одлуки, се вградени во државноста, тоа е социјалдемократскиот код на нашето општество.

Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме. Но тоа е и дел од статутот на СДСМ. Ние да не заборавиме од каде е тргната нашата партија и дека најголемите борци за оваа држава и за нејзината слобода всушност ја формирале оваа политичка партија во којашто ние денес седиме на раководните позиции.

Од овде, пред сите вас, на нашиот роденден, како претседател на СДСМ ви велам, повторно ќе успееме.

Заедно, одговорно и посветено. СДСМ ќе остане да биде чуварот на сегашноста, гарантор на стабилноста, напредокот и иднината. Јас сум подготвен, стојам зад ова и подготвен сум да ве водам заедно со сите вас овде во раководството во нови изборни победи за СДСМ и за Република Северна Македонија. И ве уверувам, дека СДСМ после минатите локални избори повторно ќе биде победничка партија на изборите во 2024 година.

Нека е честит 31оит роденден на нашиот. СДСМ!

Да живее партијата!

Да живее Република Северна Македонија!

Последни вести