Обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Почитувани граѓани,
Веќе неколку недели, вие, јас, целата наша татковина, функционираме на поинаков начин, во секојдневна борба против коронавирусот.
Заедно се бориме против невидлив непријател кој предизвика глобална пандемија и го загрозува здравјето на нашите граѓани, но и на граѓаните ширум светот.
Бројот на заболени, но за жал и на починати граѓани во целиот свет, зборуваат за сериозноста на оваа глобална пандемија и последиците од неа.
Нашата држава реагираше навремено, презеде соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните, како и за санирање на економските последици.
Првичната реакција беше многу важна за ублажување на ударот и здравствениот систем подготвено да одговори на предизвикот кој следува.
Почитувани граѓани,
Постепено нашата држава влегува во критична фаза која од стручните лица е оценета како најтежок и најсериозен период од пандемијата.
Пред нас е најголемиот предизвик во борбата со коронавирусот во кој се очекува достигнување на пикот на бројот на заразени.
Затоа, потребна е многу голема лична одговорност, на секој од нас и максимална посветеност во заштита на нашето здравје, на здравјето на нашите најблиски, на нашите деца, родители, роднини, пријатели.
Донесени се нови, по заострени мерки од страна на Владата и исклучително е важно нивно целосно почитување. Само така секој човек, секој поединец, секој од нас ќе придонесе во заедничката борба.
Да сториме се, преку целосно почитување на мерките и препораките, да го спречиме ширењето на вирусот.
Ајде да си помогнеме себеси, да им помогнеме на нашите најблиски, да им помогнеме на здравствените работници, на институциите на системот.
Седете дома, мијте раце, држете растојание, почитувајте ги мерките и препораките секогаш и секаде. За животот се работи.
Знам дека постои загриженост кај граѓаните, за здравјето но и за економијата, за своите работни места, за месечните приходи, за парче леб.
Почитувани граѓани, ние заедно создадовме државата која е тука за вас, за граѓаните, имате пријател, поддржувач, државата е тука и таа ќе ви помогне.
Веќе се објавени пакети со сериозни економски мерки, државата спасува над 250 илјади работни места, им помагаме на работниците, на граѓаните, да им обезбедиме приход да ја пребродат кризата.
Државата дава 14.500 денари плата за секој работник во фирмите коишто се погодени со кризата, затоа што секој работник е важен.
Во овие тешки времиња обезбедивме првична поддршка од 200 милиони евра, им помагаме на 35 илјади фирми да ги ублажат последиците од економската криза.
За граѓаните обезбедуваме сериозни финансиски олеснувања, се одложува наплатата на кредити, се стопираат извршителите.
Нема да дозволиме некој да остане без приход, помагаме за сите подеднакво, во духот на солидарноста.
Почитувани граѓани,
Во оваа борба со коронавирусот можеме да победиме, со заеднички сили, со заеднички придонес на секој од нас.
Знаеме дека нема да биде лесно, но заедно сме во ова и заедно ќе победиме.
Да сте ми здрави и живи, чувајте се и седете дома.