Одговори на новинарски прашања,
Зоран Заев, претседател на Социјалдемократски сојуз на Македонија
Кавадарци, 22.10.2017
Како го коментирате повикот од Беса СДСМ да се држи настрана од албанскиот политички блок?
Знаете како, ние имаме коалициони партнери, коалицијата ја обелоденивме уште пред самата кампања и чесно се поставивме дека настапуваме заеднички со ДУИ. Ние сме свесни дека секој не може да се согласи со нашите ставови. Не ми е мене лесно кога ќе го видам кандидатот на Алијанса заедно со ВМРО-ДПМНЕ на пример. Или Беса остана во опозиција, тие можеа да бидат дел од власта, но одлучија да останат во опозиција. Апсолутно јас имам разбирање зошто се прават коалициите на локално ниво. Пред се заради амбицијата да се победи. Нашата коалиција е направена многу навремено, пред самите избори, таа е обелоденета, принципиелно постапуваме, јас сум претседател на СДСМ и апсолутно со коалициониот партнер со кој што имаме изградено коалиција и на локално ниво, така ги поставуваме нашите ставови.
Како ја коменирате вчерашната изјава на Никола Груевски дека изборите се добиени на нелегитимен начин?
Јас сакам стварно да видам докази. Мене ми е многу драго што сите граѓани го имаат на повидок тоа што се случуваше во првиот круг и тоа што еве се случува во вториот круг. Изборите беа кристално чисти, изборите беа слободни, граѓаните демонстрираа една голема слобода, демонстрација на слободно изразена волја на изборите, буквално немаше никакви инциденти, ниту во кампањата, ниту на денот на изборите. Инцидентите кои што беа изолирани беа лични инциденти. Во Кичево смртниот случај, сите знаат дека нема политички партии или било што. Тоа што се случи во Шуто Оризари веднаш беше санкционирано од полицијата, веднаш беа поднесени соодветни пријави. Тоа се случи пред нашиот штаб, прашањето е зошто некој дошол пред штабот на СДСМ и апсолутно мислам дека и меѓународните институции недвосмислено и јасно кажуваат слободно изразена волја, кредибилни избори, демократска атмосфера, фер атмосфера насекаде. Дури и кампањата што ја водиме е максимално позитивна. Јас верувам дека граѓаните само тоа го заслужуваат.
Имате коментар во однос на неговите вчерашни изјави за случувањата на 27ми април во Собранието?
Човекот конечно изгуби избори, ние тврдевме дека само ако има слободна изразена волја ќе се случат вистински изразени мисли, чувства и определби на граѓаните, тоа се случи на 15 октомври. Поразениот има право да се лути, јас тоа го разбирам, но верувам дека тоа што во иднина ќе се случува во Македонија е нешто кое што граѓаните го заслужуваат, а тоа се добри перспективи за сегашните и за идните генерации. Не видов никаква сериозност во изјавите коишто тој ги даде гостувајќи на една телевизија. Навистина не можам ниту логично, ниту рационално да заклучам кои се доказите, кои се причините или што всушност се случувало во Македонија. Јас сум рационален човек, сакам секогаш да разговарам, спремен сум да прифатам корективи, да се корегирам и јас и политичката партија и коалициите со кои што сме, но буквално во Македонија блеска слободно изразената волја и апсолутно нема дилеми за тоа.