Изјава за медиуми,
Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје
Скопје, 09.10.2017
Овде сме во СРЦ Сарај, заедно со дел од спортските македонски легенди, заедно со професори по физичко образование и си дадовме збор дека ќе го вратиме спортот на улиците, во маалата, во училиштата, во ваквите спортски центри, ќе ги заживееме спортските клубови во Скопје, коишто за жал од ден на ден се повеќе ни гаснат. Овде е група професори по физичко образование, разговаравме за состојбите во спортот, во училиштата во Скопје, разговараме за несоодветни програми и услови коишто ги имаат, несоодветна опрема, и се договараме заеднички како можеме да ја унапредиме состојбата на спортот во градот, во рекреативниот дел.
Го враќаме сјајот на училишните турнири, ги ревитализираме школските сали и игралишта и градиме нови рекреативни содржини насекаде низ градот. Овој запуштен спортско-рекреативен центар го враќаме од заборавот. Ги ревитализираме училиштата, игралиштата, патеките, урбаната опрема и останатите објекти во овој центар, со цел да ги привлечеме посетителите кои во минатото ги имаше во огромен број.
Просторот ќе го исполниме со содржини за деца, за млади, за спортисти и за одржување на разни фестивали и на спортот и од културата. Ја ревитализираме можноста, да преселиме некои од спортските институции, Факултетот за физичка култура или Спортската Академија во рамките на овој комплекс како би овозможиле баш оваа постојна инфраструктура, да биде од корист и на учениците и на процесот наставен што се одвива во тие институции.
Токму заради сето ова почитувани граѓани на Скопје, потребно е да излеземе во недела на гласање во што е можно поголем број. Промените кои ги направивме заеднички на централно ниво, да ги спроведеме и на локално ниво.
Во недела одлучуваме во кој правец ќе продолжи државата. Дали Македонија ќе одбере европска перспектива, иднина, развој, подобар живот или ќе остане заробена во криминалот и корупцијата на Никола Груевски. Овие избори не се обични локални избори, со пенкало ја завршивме работата на 11 декември минатата година, да му покажеме, спортски кажано црвен картон на Никола Груевски и неговите политики и конечно да го пратиме во историјата.
Затоа ве повикувам, во недела сите масовно, сплотени, обединети, да гласаме за промени, да гласаме за бројот 19. Сите да го дадеме својот глас, затоа што му требаме на Скопје и требаме на Македонија. На Скопје му е потребна здрава, чиста, еколошка средина, чист воздух, чиста вода за пиење. Ни требаат сериозни и одговорни луѓе, кои што ќе ги спроведуваат политиките на градот и коишто ќе ја спроведат конечно гасификацијата на Скопје.
На Скопје му треба градење по план, му требаат ефикасни и безбедни сообраќајници, му требаат услужни ефикасни општини, коишто ќе работат во интерес на граѓаните коишто ќе ги слушаат нивните потреби.
Затоа на 15-ти октомври масовно да гласаме за промени, и транспарентни и одговорни политики.
Во спротивно остануваме заложници на криминалните послушници, на извршителите на необарокот на Груевски и на оние кои дозволија да се гушиме во смог и чад.
Да го вратиме назад здравиот живот, да го вратиме назад спортот, да ги вратиме децата на детските игралишта, да ги вратиме спортистите во фокусот на државата.