fbpx

Заев: Отвораме општество на можности, живот во Македонија за сите!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
22. Конгрес, 27.05.2017

Почитувани граѓани, гости, почитувани делегати, приустни на Конгресот на СДСМ,

Живот во Македонија за сите!

Од денес ова е нашата заедничка света обврска исправена пред секој од нас!

Граѓаните на Македонија се на прагот да ја добијат новата, реформска Влада – својата Влада, по речиси 11 години наметнат режим!

Од денес пред нас се отвора широко поле на можности за обнова на општеството, но и на нашите животи. Да осигураме стабилност и безбедост за денешните генерации. Мирен живот за нашите родители. Сигурна иднина за нашите деца.

Поминавме долг пат заедно, рамо до рамо по улиците, низ Вистината за Македонија, со Граѓаните за Македонија, во Кампот на слободата, со Шарената револуција, трпеливо и мудро низ политичките процеси – верувајки во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок. Секој од нас кој беше дел од сето ова се откажа од својата удобност и комотност, а некои и од сопствената егзистенција. На некои им беше загрозен и животот. Не мислевме само на себе, мислевме на сите нас.

И еве ја таа можност пред нас, да изградиме едно и единствено, заедничко, подобро општество за сите во нашата земја, во нашата Република Македонија.

Но мора да бидеме реални за да успееме целосно. Ова не е крај на битката за животот што го избравме.

Почитувани граѓани и сопартијци,

Ова е нашиот почеток!

Знам дека надежта е одново разбудена.

Зад нас го оставаме минатото, уништените општествени, материјални и морални вредности. Пред нас се можностите за реформа, обнова, пружена шанса за секој.

Да се фокусираме на тоа што ќе овозможи нови и добро платени работни места за граѓаните. Тоа, ќе ги зајакне семејствата. Тоа, ќе ја зголеми потрошувашката.Тоа, ќе поттикне развој на претпријатијата. Тоа ќе овозможи економски раст во државата. И така ќе придонесеме секој да се чувствува спокојно и сигурно, тука во Македонија.

Луѓето се мирни само кога живеат во општество кое што се темели на чесност, со рамноправни шанси за успех на сите. За да го постигнеме тоа, мораме да се фокусираме на она што не зближува, не на она што не разделува. Тоа ќе го направиме ако гледаме низ заедничките интереси на граѓаните на Македонија. Верував, а денес знам дека не сум сам во таа верба: Различностите се наша сила! И со сета сила ќе се борам против поделбите што го ослабнаа општеството. Ова се вредностите за коишто јас се заложувам. И се покажа – тие не се само идеја. Заедно можеме.

Иако е ова партиски Конгрес, пред да се обратам до вас делегатите и членството, ќе ја искористам приликата да се обратам до сите граѓани на Република Македонија. Затоа што ја добив поддршката од мнозинството граѓани на Македонија да бидам идниот премиер. А и за време на мојот 4-годишен мандат како претседател на СДСМ, партијата доби огромна поддршка од граѓаните. За првпат во политичката историја во Македонија и пошироко, граѓаните одлучија на избори да градат партнерство со една партија, базирано на принципи, одговорност, демократија. Така победивме. Заедно. И за тоа сме им должни на граѓаните.

Затоа, во мое и во ваше име, денеска до граѓаните изразувам длабока и искрена благодарност. Не затоа што ги поддржаа СДСМ и коалицијата. Туку затоа што храбро, избраа демократски вредности наспрема режим.

Почитувани граѓани,

Одбравте да ни ја доверите одговорноста. Тоа е голема чест за мене и за СДСМ. И голема обврска. Сакам да ви ветам, сега и тука – посветено ќе работиме! И со посебна грижа ќе се потрудам да ја оправдаме вашата доверба!

Сакам да биде сосема јасно.

Нема да дозволиме да се повтори злото што им го направи раководството на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните и на државата!

Ние веруваме во општествен прогрес. Веруваме дека тој прогрес е можен. Веруваме во споделена иднина. Веруваме дека Секој е важен – дека никој не е поважен од некој друг.

Затоа, ќе овозможиме еднакви шанси за сите во Владата и во општетството.

Знам дека има голема радост за промените. Како што знам и дека има лутина за претрпените неправди. Како што има и оправдана загриженост за иднината, затоа што не е лесно да се стапне на руина, наместо да се надградува столб.

Свесен сум дека имаме големи предизвици како држава, како граѓани, како семејства.

Свесен сум и за економските тешкотии, за демократскиот ќор сокак, за разрушениот систем на морални вредности на внатрешен план. И за изолацијата во којашто се наоѓа Република Македонија на надворешен план.

Но ете, почитувани граѓани, токму ова е нашата работна задача. Од следната недела почнува нашата нова заедничка иницијатива, нашата нова работна акција.

Отвораме општество на можности!

Низ солидарно општество ќе им помагаме на најранливите.

Низ фер општество ќе им дадеме шанса на квалитетните.

Низ правично општество ќе ги заштитиме обесправените.

Ќе спроведеме реформи за заштита на работниците и за развој на домашните претпријатија.

Ние знаеме дека слободата значи департизација на државниот систем и институциите и подготвени сме да ја реализираме таа обврска. Доста со реваншизми кои враќаат назад. Само неполитизирано општество води кон економски развој.

Ќе ги кренеме моралните стандарди во јавниот живот. Ќе работиме на создавање, а не на рушење. Доста ни е од второто.

Ќе комуницираме со аргументи, не со лажни вести. Внимателно ќе ги слушаме различните идеи и ставови што вредат да бидат прифатени, како подобри.

Тоа се западните вредности. Тоа се нашите стратешки определби: демократија, отвореност, слобода, просперитет, еднакви можности. Сосема спротивно од досегашните политики на поделби, раздор, конфликти, што го кочеа просперитетот на државата.

Наши партнери се Европската унија и НАТО! И наша цел е, за граѓаните и за државата, да ги обезбедиме евро-атлантските перспективи!

Долг е патот и нема да биде лесно. Но како граѓани на Македонија имаме еден заеднички пат. Овој. И мора повторно да сме заедно! Никој друг нема да ја осигура нашата сегашност и да ја обезбеди иднината место нас!

И сега сакам да се обратам до вас почитувани делегати, членови, симпатизери, поддржувачи на СДСМ,

Социјалдемократскиот сојуз секогаш бил и останува на браникот на граѓанските и државните интереси.

Покажавме дека имаме капацитет да бидеме фактор на обединување.

На овој Конгрес ќе побарам од вас:

Да бидеме одговорни кон граѓаните, низ отчетна работа! СДСМ денес значи пред се одговорност!

Ја добивме довербата од граѓаните. Историски е предизвикот.

За да знаеме како живеат луѓето треба да сме меѓу нив. Вистинскиот живот е по маалата, парковите, на пазарите, во маркетите, во кафулињата. На нивите, во болниците, во училиштата, на шалтерите во институциите. Таму сме и таму мора да останеме. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Ние работиме за нив. Тоа е демократија. И повеќе демократија во нашата партија, значи уште посилна демократија во Македонија.

Колку ќе сработиме зависи пред се од нас. Нашата вистинска работа почнува сега.

Овде во оваа сала ја барам вашата потврда. Секој пред да излезе од оваа сала, да расчисти во себе и да си вети – дека ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните и за граѓаните.

Ви ја доверувам таа одговорност на секој од вас како своја. И знајте дека сум до вас.

Испраќам порака на обновена надеж и доверба.

Постојано верував дека можеме да создадеме општество на среќни и весели луѓе. И денес тоа не е само мој сон или сон на поединци, како во песната Imagine (Имеџин), од Џон Ленон, добро позната на сите. Тоа денес е нашиот заеднички сон, што со нашата заедничка волја, го претвораме во реалност!

Почитувани делегати, почитувани поддржувачи на СДСМ,

На овој Конгрес стојам достоинствено пред вас и со чист образ ја барам вашата доверба.

Со многу мудрост, храброст и решителност ја постигнавме целта. Заедно срушивме режим со пенкало и со глас.

Знам дека можеме уште, за сите граѓани, за Република Македонија, за себе.

Верувам дека нашата совесност во овие важни моменти за партијата и пред се за државата и за граѓаните е на високо ниво. Сепак, пред да преминеме на работниот дел, имаме многу работа, `не чека избор на претседател, на заменик претседател, на членови на Централниот одбор, на Надзорниот одбор, сакам да укажам:

Влогот е превисок, да не дозволиме да не поведат ниски политички страсти или нефер ривалства, без разлика дали меѓу себе, или кон нашите политички противници.

И нема простор за сомнеж и за замор.

Ни треба оптимизам, смиреност, посветеност, одлучност!

Ајде да ја сакаме Македонија со тоа што ќе покажеме почит едни кон други, кон нашите поддржувачи, кон различните од нас, кон сите граѓани!

Да не заборавиме. Еве токму со овој Конгрес, како одговорна владеачка партија, којашто ќе ја предводи новата реформска Влада се обврзуваме и носиме:

Живот во Македонија за сите!

 

 

 

 

Последни вести