Почитувани,
Зборувавме за сите детали, зборувавме за регионалните проекти, зборувавме за огромните поддршки за инфраструктурните проекти коишто се во фаза на изведба и во фаза на аплицирање.
Зборувавме и за отворени билатерални прашања коишто постојат во регионот, а би биле пречка за идното напредување на земјите кон Европската Унија. И секако најважнотои беше да се зајакне соработката.
Високата претставничка на Европската Унија, г-ѓата Могерини ќе лиферува и свое соопштение сигурно, но јас само да потврдам дека ваквите пракси таа ги најави како една редовна потреба на состаноци на премиерите од Западен Балкан со високите претставници на Европската Унија, посебно со г-ѓа Федерика Могерини.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Дали разговаравте со г-дин Вучиќ околу информациите за присуството на српскиот дипломат во Парламентот?
Заев: Не разговаравме. Разговаравме секако за соработка, верувам дека заедничките служби меѓу Македонија и Србија ќе го решат тоа прашање. Јас сум среќен што денеска можевме сите меѓусебно да поразговараме и сите стоиме на линијата на потребата на нашите граѓани и нашите земји за унапредување на соработката. Констатиравме, овде во присуство на г-ѓа Могерини дека и Европската Унија ќе не почитува повеќе доколку ние соработуваме меѓусебно.
Медиуми: Г-дин Вучиќ рече дека вие сте му се обратиле во однос на онаа ваша изјава националистичка Влада. Дали сте му се извиниле?
Заев: Јас изразив жалење заради коешто некогаш политичарите во кампања, пред кампања знаеме, многу често тоа е невнимание. Но секако тоа е потврда на потребата од заедничка соработка помеѓу нашите две земји. Ние се ракувавме и верувам овој состанок којшто беше денеска покрај зацврстување на европските перспективи на целиот регион и нашите земји ќе значи и унапредување на соработката на нашите земји, така и на соработката помеѓу Р.Македонија и Р.Србија.
Медиуми: Дали има шанса Македонија да отпочне да ги отвара поглавјата 23 и 24?
Заев: Знаете дека прават напори високите претставници овде, секако тоа го најавува многу често и комесарот Хан, да отвори еден аспект, макар технички назначен како помош во реформите коишто се потребни во земјите, така и во Македонија. Поглавјата 23 и 24 ќе бидат од огромна помош за реформите во правосудството и безбедноста во Р.Македонија, а тоа знаеме дека за нас значи сериозни реализации на забелешките и сугестиите од Извештајот на Европската Унија и Извештајот на Прибе. Јас посакувам 2018 година да се даде датум за преговори, официјално да ги отвориме, но час поскоро дали официјално или неофицијално отворање на поглавјата 23 и 24 ќе значат огромна помош за Р.Македонија.
Медиуми: До каде се преговорите за формирање на новата Влада и дали БЕСА дефинитивно ќе учествува во таа Влада?
Заев: Можам да кажам дека со другите партии сме многу поблиску и во делот на она што значи распределба на ресори и во делот на аспектот на потребата од изнаоѓање на квалитетни кадри. Со партијата БЕСА не сме дошле уште да разговараме за кадри, сеуште разговараме за ресорите, вкупниот број, колку, пропорциите, одговорноста. Верувам дека многу брзо ќе дојде и да разговараме и за имиња. Моја аспирација е, а генерално и сите лидери заклучивме да се обидеме до крајот на неделата да доставиме предлог до македонскиот Парламент и ветивме некои десетина дена, еве во недела завршуваат, шест, седум дена поминаа, луѓето очекуваат резултати,подобрување на економскиот живот, започнување на реформите, сакаат да видат како Парламентот функционира, опозицијата си ја врши својата работа, владејачкото мнозинство својата работа, сето тоа ќе значи секако и приближување кон Европската Унија, но најмногу од се подобрување на животот на граѓаните.
Медиуми: Кога мислите дека Парламентот може да ја изгласа новата Влада?
Заев: Јас се надевам дека ако успееме тоа што си го дадовме како задача, до крајот на оваа седмица да ја доставиме Владата во Парламентот, согласно Деловникот на Парламентот на Р.Македонија, дебатата трае 48 часа, или два дена. Тоа значи дека почетокот на идната седмица, Македонија треба да има нова Влада.
Скопје, 25.05.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА