Обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на РМ
Скопје, 27.04.2017
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, колеги пратеници, господине претседавач Вељаноски.
Поминаа пет седмици, повеќе од 30 дена, парламентарното мнозинство, оформено овде, декларирано овде, буквално ве моли да прекинете да го кршите членот 89 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, да прекинете да го кршите членот 90, членот 91, да го искористите членот 68 и да ја продолжите седницата после 18 часот. Буквално парламентарното мнозинство ве моли да прекинете да го кршите членот 78, а вие апсолутно се правите како да сте паднати од Марс.
Ова е конститутивна седница на Собранието на Република Македонија, којашто од самостојноста до денеска, траела од 1 час до 5 часа. Пет недели трае оваа конститутивна седница.
Конститутивната седница е опишана во посебна глава 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија и тоа е со сериозна намера така направено. Неа ја води претседавач, а не претседател на Собранието.
Претседавачот и пратениците имаат за цел на најбрз и на најефикасен начин да изберат претседател на Собранието на Република Македонија и да завршат со конституирањето на седницата на парламентот.
Тврдите дека имате мнозинство а и сами знаете дека немате мноизинство. 1.191.892 граѓани гласачи гласаа на изборите. 454.577 гласа добивте вие од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тоа не е мнозинство. Од 1.191.892 до 454.577 има повеќе од 737.000 гласачи граѓани. Од вкупно 120 пратеници имате 51 пратеник, а прашање е дали сте и толку. 69 пратеници од вкупно 120 бараат, буквално молат да заврши процедурата час поскоро со избор на претседател на Собранието. 62 паратеника со својот потпис стојат зад еден колега, господинот Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието на Република Македонија.
Што тука не е јасно? До кога? Да ве оставиме уште два месеци, уште три месеци? Почитуван претседавач, колега Вељановски, ја користам процедуралната и деловничка можност и јас да ве замолам најискрено, најучтиво да го почитувате членот 89 да давате право на реплика согласно членот 89, ако не имате право и обврска да одземате збор на втора опомена.
Да давате право на говор на говорник согласно членот 90 и ако тоа е надвор од темата на дневен ред го одземате зборот. Ве повикувам согласно член 68 после 5 недели, триесет и први ден е истечен откако почна ова заседание, да ја продолжите седницата после 18:00 часот за да заврши конституирањето на Парламентот. Ве повикувам да го почитувате членот 78 од Деловникот и на барање на еден пратеник со поддршка од десет да дадете мнозинството да се изјаснува дали ќе се помине на следната точка. Ако нема мнозинство останува вака, ако има мнозинство ќе одиме на четвра точка, дебатата останува и продолжува после тоа.
Господине Велјановски, колеги пратеници
Заврши времето кога можевте да го кршите Уставот, законите и Деловникот во ова Собрание и притоа тоа да го продавате како патриотски чин. Заврши! Искрено ве молам, немојте да се изживувате и да го тероризирате декларираното оформеното мнозинство овде во Собранието. Ве молам, најучтиво, немојте да го кршите Деловникот, Законот и Уставот на Р.Македонија. Овде постои декларирано и оформено мнозинство. Тоа мнозинство тоа нема да ви го дозволи.
Ова мнозинство овде, има право и обврска да избере претседател на Собранието од своите редови и за тоа ќе носи одлука, ќе носи одлука во оваа сала, ќе носи одлука во некоја од другите сали во Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот Факултет, во МАНУ, ќе носи одлука.
Затоа, сакам строго да се држам до процедура, и до Деловник, должен сум да одговорам на сите ваши прашања и ќе почитувам, г-дине претседавач да не го злоупотребам деловничкото право, ќе свикам прес конференција, горе сега во прес салата, да дадам одговор и на сите ваши прашања, но ве повикувам да ја завршиме конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.