Дел од обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Штип, Митинг, 01.12.2016
Дали денеска има живот за сите, дали институциите работат во служба на граѓаните, зошто кога бев тука пред неколку недели ме пресретна во центарот на градот Тетка Зоре, оттука од Штип, ваша сограѓанка, и плачеше на глас – дека со парите што ги имаат дома, леб едвај обезбедуваат, не може да си ги обезбеди лековите, а болна е од рак, треба да е во болница, но седи дома затоа што немаат пари да го платат болничкото лекување.
Ред ли е функционери од власта да се лечат по приватни клиники во луксузни услови, а тетка Зоре дома само со молитва да се бори за својот живот.
Уште колку луѓе има во Македонија како тетка Зоре?
Уште колку Тамари треба да ни се случат?
Уште колку родилки и уште колку бебиња треба да загубиме?
Уште ќе гледаме и ќе молчиме или ќе го кренеме својот глас за институции во служба на граѓаните?
Уште ли ќе гледаме и ќе молчиме? НЕ – ГО КРЕВАМЕ НАШИОТ ГЛАС, пенкалото на животот е во наши раце, на 11 декември позади пултот сме сосема сами, ние избираме, а ке избереме Живот во Македонија.
Почитувани граѓани, од вашите плати, колкави и да се, од сметките што ги плаќате, преку даноците, државата зема пари за да работат институциите. Институциите мора да работат и ќе работат за вас! Клучно за секој човек е неговото здравје и здравјето на неговото семејство. Затоа, се обврзуваме на квалитетно јавно здравство достапно за сите граѓани. Ќе обезбедиме амбуланти и болници според потребите на сите граѓани, во сите делови на Македонија. Во јавното здравство ќе работат стручни и квалитетни лекари кои ќе се грижат за вашето здравје.
За да бидат целосно посветени на вашето здравје, за да ги мотивираме. Испланиравме двојно покачување на платите на здравствените работници до крајот на мандатот. Специјалистите ќе примаат 100.000 денари плата, со 100.000 денари плата, лекарите ќе ни останат овде во јавното здравство и ќе се грижат за здравјето на нашиот народ.
Нема да барате врски за да дојдете погоре на листата на чекање кај најдобриот лекар, затоа што во болницата нема друг.
Ќе има во јавното здравство и квалитетни и стручни лекари, но ќе има и лекови и медициснки материјал – нема за завој, со крвава рана, да ве враќаат да си купите од аптека. За набавката на лековите нема да биде пресудна само најниска цена. Таму каде што е потребно, ако треба најдобриот, најквалитетниот лек ќе го обебзедиме, нека е и најскапиот, ако од него зависи животот на пациентот. Ви реков, болничкото лекување ќе биде бесплатно за сите, за секој да може да биде болнички згрижен ако има потреба од тоа, никој да не страда како што страда вашата сограѓанка тетка Зоре, а и уште многумина како неа низ Македонија.
За да има Живот во Македонија, реков и ќе повторам. Вие прво мора да изберете живот, ако досега се спроведоа петте точи од овој План, ако имавме институции кој работат во служба на граѓаните, ако имавме минимална плата од 16.000 денари, просечна плата од 30.000 денари, ако државата обезбедеше за 100 пати повеќе државна помош на домашните претпријатија од сега, ако оваа држава мислеше на младите, немаше младите да ни се заскитани по странски земји, туку ќе работеа овде во Македонија.
Фирмите ќе беа отворени, институциите ќе работат во служба на граѓаните. Тетка Зоре безгрижно ќе се лекуваше во болница и досега можеби ќе беше излечена, а и други како неа.
Затоа прифатете ја оваа рака што ви ја подавам, и еве ви подавам рака, нудам живот за сите во Македонија.
И на 11 декември гласајте за живот во Македонија.