fbpx

Заев: Ве повикувам во акција за граѓанска Македонија!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Завршно Обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
20-ти Конгрес, 02.10.2016

Почитувани делегати, почитувани граѓанки и граѓани, почитувани сојузници за промена на режимот кој ја опустоши Македонија!

На овој конгрес јасно и прецизно покажавме дека имаме заедничка визија, стратегија и мерки со кои нашата Татковина ќе ја направиме место за достоинствен, сигурен и безбеден живот.

Покажавме дека создадовме ПЛАН за Македонија во која добро се живее. План со кој основните потреби веќе нема да бидат луксуз, план за семеен живот без долгови, план за еднакви можности за секој граѓанин. На нашата земја и треба овој ПЛАН за да може државата да се фокусира на потребите на граѓаните, на човекот и на животот.

Еве вака се сака Македонија. Еве вака Македонија ќе стане членка и на НАТО и на ЕУ.

Почитувани,

Со овој конгрес уште еднаш покажуваме дека СДСМ се менува и ќе се менува се додека не добиеме попристоен и поправеден живот во Македонија. Се отворивме, постојано сме на терен, посветени, подаваме рака, внимателно ги слушаме потребите на граѓаните и добро ја разбираме нивната мака – оти тоа е и наша мака.

Подаваме рака на секој човек, оти секој човек е важен. Сечив ангажман е важен. Секој од вас е важен. И разберете, секој на кого вие ќе му се обратите е важен. Секој во Македонија е важен!

Почитувани сојузници за промени за ЖИВОТ во Македонија,

Време е за АКЦИЈА!

Овој ПЛАН за Македонија за кој ние денес зборуваме мора да го чуе и разбере секој граѓанин во нашата замја. Овој ПЛАН за Македонија мора да го ОДОБРИ секој граѓанин на нашата земја, оти за да правиме реформа мора да имаме ДОГОВОР со граѓаните.

Затоа, уште посилно продолжуваме да ја градиме Коалицијата со граѓаните!
Нашиот народ секогаш знаел како да се спаси себе си и државата. И овој пат, сигурен сум дека ќе покаже, дека нема да ја прокоцка својата држава за да се спаси мафијата.

Нашиот принцип е почитување на разликите и различните. Не сме исти, ниту некогаш ќе бидеме исти. Затоа секојдневно се координираме со различните и внимателно градиме организирано и моќно разноумие, кое ќе му стави крај, еднаш засекогаш, на политичкото едноумие во Македонија.

Сојузниците, во втората светска војна, и леви и десни, и демократи и либерали и комунисти, се здружија и ги координираа своите блокови за заедно да го победат фашистичкото зло во Европа и во светот. Така дојдовме до АСНОМ, до победата и слободата. Така и денес ние се здружуваме како СОЈУЗНИЦИ – како различни – со секоја политичка сила која искрено бара промена на режимот со достоинствен и слободен живот во Македонија.

Разликите и здружувањата ќе го срушат едноумието на овој режим!

Затоа апелирам, да ги почитуваме нашите разлики, но да се обединиме, затоа што секој глас ни е важен. Секој индивидуален напор ни е важен за итни промени во Македонија.

Граѓаните и граѓанките скандираа “Заедно сме посилни” по улиците низ Македонија. Затоа сме во коалиција со граѓаните, затоа што заедно сме посилни. Ги слушаме потребите на граѓаните и барањата на здруженијата на граѓани. Бевме заедно со Граѓаните за Македонија лани на 17 мај, ќе бидеме заедно со граѓаните на Македонија на 11 декември, но и на 12 декември и секој нареден ден.

Нашата коалиција се граѓаните. Со нив се договараме и спогодуваме за промени за достоинствен живот во Македонија.

Промени за нови реални работни места. За пристојни плати. За можности за сопствен бизнис и напредок. За образование кое учи за живот и за здравство кое лекува. Промени за одговорна власт. Промени за поголема сигурност и безбедност. Промени за квалитетен животен стандард.

Денеска делегатите на овој Конгрес донесоа многу важни заклучоци од планот за Македонија, го донесоа заклучокот, ПЛАН 180, тоа е план за се што новата Влада ќе спроведе во првите 180 дена или 6-те месеци. 180 има своја симболика, тоа е општество сосема спротивно од ова денеска што го имаме.

Донесовме исто така, ПЛАН 24, тоа е план за итните реформи во периодот од 24 месеци, или 2 години. Денеска СДСМ донесе сериозни заклучоци, со којшто јас мој, почитувани делегати, и почитувани гости ве уверувам дека ќе се гордееме кога ќе зборуваме дека видовте ли дека се може и еве ја Македонија како чекори напред, рамо до рамо со сите европски земји.

Денекса исто Конгресот донесе важен заклучок, но ќе кажам една мала увертира за да сите се потсетиме. Целиот овој период на политичка криза во Македонија се искристализираа генерално опозициони движења во Македонија. По улиците ширум Македонија, и најповеќе во главниот град бевме, и луѓе со лева оринтација, и со центар , и со десна ориентација.

Не водеа граѓаните на Македонија, ние бевме на достоинствено растојание, назад. Го најавивме ова време, уште пред година и неколку месеци, дека граѓаните мора да бидат приматот во нашето општество. Дека човекот поединецот, ќе биде центарот на светот. Доста вложувавме во матријални вредности како споменици и музеји, дај да таа сета енергија ја насочиме кон поединецот, кон нашиот граѓанин, кон којшто сите заедно ќе се свртиме и ќе оправдаме зошто постои државата и државните институции.

Но, правевме последните три месеци секаков вид на анализи и студии којшто стручните луѓе ни помогнаа да ја заокружиме нашата перцепција. На крајот сите овие политчки партии којшто бевме позади граѓаните, ќе продолжиме позади граѓаните, но чесно е заради иднината на Македонија да се профилира и идната проекција од секој аспект за нашата земја.

Затоа десните партии заклучија дека не е само да биде поделено левица и центар на една страна, десница на друга. Чесно е кога се отвори се како пупка, сега да се постават патиштата и на вистинска десница, оти и треба на Македонија, вистинска десница.

Затоа се прават напори десните партии и партиите со десна провиненција и профилација да одат со посебен опозиционен блок, а ние вечерва донесовме заклучок, со којшто СДСМ, сите партии од левицата и центарот ќе влезат во широк фронт во сојуз со индивидуалци, со интелектуалци, со поединци, со граѓани на оваа наша Македонија. И, заедно сите предводени од оние за којшто постоиме како политички субјекти, граѓаните.

Заедно сите ќе ја воведеме борбата во својот фото финиш, до своето финале.

Почитувани граѓани треба да бидете горди, вие граѓаните, а и вие политичките партии позади нас. Го клекнавме на колена режимот, и ќе му покажаме на светот дека е можно да падне, автократски режим со глас, со граѓани, со демократија, со верба, со љубов кон својата земја.

Нашата борба е за промени!

Стануваме, се креваме, на нозе сме!

СИТЕ НИЕ СМЕ ПРОМЕНИТЕ! ПРОМЕНИТЕ ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

Различни, но обединети. Заедно, за една Македонија.
Граѓанки и граѓани на Македонија,

придружете ни се оваа граѓанска акција за ЖИВОТ во Македонија!

Има место за сите!

Има место за сите во оваа наша Македонија!

Придружете ни се да изградиме Македонија за сите!

Да живеат граѓаните на Македонија, да живее оваа наша убава земја!

 

 

Последни вести