Прес-конференција, Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ
СДСМ: Неетички чин на министерот Филков, судир на интереси или кражба на труд?
Почитувани,
Министерот за правда, Филков, има намера да магистрира на тема „Креирање на стратегии во сферата на правосудството како надлежност на министерот за правда“.
Овој скандалозен потег, иако навидум е академски, е всушност крајно непримерен и не споив со високата јавна функција што тој ја извршува.
Министерот за правда магистрира на тема за сопствени надлежности.
Ова е директен судир на интереси, кој го разобличува неговиот личен и институционален интегритет.
Постапката на министерот отвора прашања за неговата свест за Законот за спречување на корупција и судир на интереси и неговите одговорности како службено лице.
Со користење на службени документи и информации до кои има пристап како министер, за да ги искористи за лична академска добивка, Филков директно го прекршува членот 62 од истиот закон, кој забранува какво било користење на службената положба за лични цели.
Ова не е ништо друго освен злоупотреба на службената должност.
Изјавата на министерот дека „не постои конфликтна или не конфликтна тема за магистерска работа“ е не само арогантна, туку и скандалозна.
Со тоа тој ги игнорира сите етички и законски принципи.
Токму креирањето на стратегии во правосудството е законска надлежност на Министерството за правда. Тие се дело на државни службеници и експерти, и никој нема авторски права над нив, па дури ни министерот.
Со овој чин, министерот Филков, всушност, си присвојува државен труд за своја лична корист.
Ова не е само неетички чин, туку и ја доведува во прашање суштината на академската чесност и интегритет.
Господине Филков, со овој потег, Вие го изгубивте моралниот и професионален интегритет за да ја извршувате функцијата министер за правда.
Очекуваме реакција на Антикорупциската комисија.
Поттикнувањето на сомнежи за судир на интереси и злоупотреба на службената положба не смеат да бидат дел од дејствувањето на еден министер.
Јавноста бара одговорност, а не оправдувања и ароганција.