Одговор на новинарско прашање, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ
СДСМ уште вчера го коментираше токму извештајот на Вајц, а извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент е уште една потврда на она што СДСМ со месеци го говори, Македонија е заглавена, реформи нема, а процесот на пристапување кон Европската Унија е сопрен.
Власта дефинитивно ја турка земјата во изолација.
Цитирам: „Процесот на пристапување е сопрен“, и ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став наведен во овој извештај.
Во документот јасно се наведува дека нема напредок во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата.
Пораката од Брисел е јасна, проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото.
Корупцијата и криминалот гледаме дека секојдневно цветаат во Македонија, а секојдневно сме сведоци на криминални тендери, за што и ние како опозициска партија, СДСМ, веќе ја известуваме јавноста. А, гледаме и целосен молк од надлежните институции, кои треба да постапуваат по овие информации, што се објавуваат во јавноста.
Она што го гледаме е дека, наместо реформи, владата намерно отвора кавги со соседите за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите.
Води, дефинитивно, антиевропска кампања со обвинувања дека Европа е виновна.


