Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека СДСМ го откажува традиционалниот марш за 8 Март, кој што требаше утре да се одржи во Богданци и ќе се приклучи на протестот „Нема да не снема“.
„И оваа година како и секоја од изминатите требаше да го одбележиме 8 Март со традиционалниот марш, да славиме за достигнувањата на жените, но и гласно да бараме подобрување на нивната положба во општеството. Но трагичниот настан којшто се случи во Скопје, смртта на мајката и детето не остави длабоко потресени. Оттука е нашата одлука, традиционалниот марш ко јшто требаше да се одржи утре во Богданци се откажува и наместо тоа утре ќе бидеме присутни на протестниот марш кој што го организираат граѓанските организации, поединци активисти, иницијативи и платформи за родова еднаквост и тука ќе бидеме присутни како граѓани.СДСМ ќе биде со граѓаните“, рече Филипче.
Тој посочи дека трагедијата во скопската населба Карпош е само уште еден доказ за непоставување на надлежните институции во однос на заштита на жените од насилство.
„Ова не е само индивидуална трагедија ова е уште еден трагичен доказ за системскиот проблем со насилство врз жените, за неадекватната заштита, за неадекватната реакција на институциите, едноставно неуспехот на институциите да се справат со овој проблем“, рече Филипче.



