Филипче: Мицкоски едно зборува дома, а сосема друго во Брисел

Facebook
Twitter
LinkedIn

Мицкоски дома пред македонските граѓани зборува едно, но во Брисел зборува друго, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека Мицкоски и неговата влада не ги исполнија потребните реформи и сега преку својата пропаганда се обидуваат да манипулираат со граѓаните, да создаваат поделби во општеството и да ја префрлат одговорноста кај Европската Унија.

„Тие ништо не работат на реформите, па им е виновна Европската Унија? Не ги исполниле реформите и немаат што да бараат во Брисел. Но, важно е што сакаат да им пласираат на граѓаните. Повторно лаги и манипулации. Вести од ваков тип, кои излегуваат од кујната на ВМРО се лаги кои служат за манипулација и поделби на граѓаните. Оние кои се за ЕУ се предавниците, а оние кои мислат дека го чуваат македонскиот идентитет се патриоти“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче посочи дека вистинскиот проблем не се малцинствата, туку криминалот и корупцијата на власта.

„Освен што треба да се исполни реформската агенда и да се донесат европските закони, потребно е да се внесат и малцинствата во Уставот. Да им објаснам на граѓаните кои ги читаат вестите од ВМРО-орбановите медиуми. Малцинствата не се некакви нови луѓе кои што треба да дојдат тука кај нас. Тоа се наши граѓани, граѓани на Македонија, наши комшии, пријатели, сограѓани. Како не разбираат? Не се проблем малцинствата. Проблемот е криминалот и корупцијата на оваа банда на власт“, рече Филипче.

Тој додаде дека Мицкоски и неговата влада свесно ја жртвуваат иднината на граѓаните и економскиот стандард во државата.

„Затоа се подготвени да ја жртвуваат вашата иднина и иднината на вашите деца. Затоа имаме вака голем број граѓани кои живеат во сиромаштија. Затоа платите не се зголемуваат. Затоа луѓето немаат за леб, за патување, немаат за нормален живот, каков што имаат граѓаните на Европа. Ние не преговараме со Бугарија. Ние преговараме со Европската Унија“, рече Филипче.