Соопштение за јавност
СДСМ работи ексклузивно за македонскиот национален интерес и членство во ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче нагласи дека интеграцијата во Европската Унија е национален интерес и дека уставните измени не треба да се гледаат низ призма на туѓи интереси.
„Јас лично и СДСМ ги застапуваме ексклузивно интересите на државата, ги застапуваме македонските интереси. Интерес на државата е да се интегрира во Европската Унија. Уставните измени не се интерес на Бугарија. Бугарија е земја членка на Европската Унија, членка на Шенген, членка на еврозоната. Тие луѓе добро живеат, имаат стандард, државата расте, се менува посебно после влезот во Европската Унија. Вие знаете како изгледаше Бугарија пред влезот во Европската Унија? Нема никаква врска со тоа што е сега. Исто како и другите земји членки на Европа пред и после влезот во Унијата.“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека евроинтеграциите се исклучиво во интерес на македонските национални интереси и дека СДСМ ќе продолжи да се залага за тој процес.
„Тоа што значи постапување по францускиот предлог, правење на уставните измени, ексклузивно е во интерес на македонските национални интереси и ќе го застапувам тоа, ќе го застапувам со сите сили и јас и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија затоа што нема друг пат напред.“
Филипче рече дека државата треба да продолжи по европскиот пат и да ги реализира стратешките цели кои, како што рече, граѓаните и државата ги заслужуваат.
„Јасно е немањето капацитет на премиерот, на немање знаење, ниту пак вистинска волја да тука се направи што треба, да се почне европскиот пат, да се сработат реформите и конечно да го добиеме тоа што децении го заслужуваме, а тоа е полноправно членство во Европа.“ рече Филипче.



