Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција нагласи дека поради неспроведување на реформите и нефункционалноста на Владата на ВМРО, државата изгуби најмалку 200 милиони евра европски средства. Тој посочи дека доколку реформската агенда беше реализирана согласно обврските и роковите, државата ќе добиеше значително повеќе европски пари.
„Доколку Владата добро работеше, изминатите две години на реформската агенда и доколку се сработени и се донесоа во Собранието реформските закони, за кои што имаше патоказ, тоа што треба да се направи и како треба да се направи, немаше да добиеме само 65 милиони евра, ќе добиевме околу 200 милиони евра“, рече Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека со подобра реализација на реформите државата можеше да избегне и дел од новите планирани суми за задолжувања.
„Значи можеби пола од овој втор заем, земен по многу неповолни услови, воопшто немаше да требало да го земеме.Се поставува прашањето, дали намерно не се работи за да се земаат скапи заеми со неповолни каматни стапки и провизии кои што одат во одредени компании“, рече Филипче.
Во однос на тврдењата на власта дека државата е прва во регионот по реализација на обврските, Филипче порача дека тоа е дел од пропагандата на ВМРО што ја спроведува за секоја тема, за да ја сокрие реалната состојба.
„Владата се фали дека сум биле први во регионот и сакам да им објаснам на граѓаните, зошто гледам дека пропагандата е многу силна – тоа нема никаква врска, односно суштината на работите е практично неработењето и немањето капацитет на владата. Ако ние имаме десет ниви за орање, а Црна Гора три и сработиле две од три, а ние три од десет, џабе се фалиме дека сме сработиле повеќе од Црна Гора, затоа што суштината е дека не сме ја сработиле добро домашната задача.“
Тој додаде дека ова укажува на недостаток на капацитет, знаење и политичка волја кај Владата за спроведување на реформите и продолжување на европскиот пат.
„И тоа само укажува на немање капацитет на премиерот, на немање на знаење, ниту па вистинска волја да се направи што треба, да се почне европскиот пат, да се сработат реформите и конечно да го добиеме тоа што со децении го заслужуваме, а тоа е полноправно членство во Европа“, рече Филипче.



