Соопштение за јавност
Со Мицкоски Македонија забрзува кон пропаст, рече денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На прес-конференција по повод две години од владата на Христијан Мицкоски, Филипче оцени дека државата се наоѓа во економска стагнација, европска изолација и институционален распад, со речиси целосно неисполнување на ветувањата дадени пред граѓаните.
„Навршуваат точно две години од формирањето на владата на Христијан Мицкоски и после две години граѓаните не добија ни повисок стандард, ни поквалитетен живот, ниту подобри услови за живот, ниту пак пофункционални институции. Не ги добија ветувањата на Мицкоски и ВМРО пред изборите. Едноставно, граѓаните се излажани“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека наместо напредок, Македонија добила две години изгубено време, економски неуспех и назадување во речиси сите клучни области.
„Се изгубија две години во економски неуспех, во стагнација, во лажни ветувања, во национални понижувања, во влошени меѓуетнички односи, во влошување на односите со соседите, во време во кое младите само планираат како да се иселат од земјата“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на анализата на Платформата 1198, Филипче потенцираше дека Владата реализирала само околу 10 проценти од ветувањата.
„После две години од мандатот на оваа влада реализирани се само околу 10% од ветувањата. 90% од ветувањата дадени пред две години не се исполнети. Практично ништо“, истакна тој.
Филипче оцени дека економските показатели се поразителни, а животниот стандард на граѓаните е значително влошен.
„Денеска, наместо зголемен животен стандард, стандардот е намален во споредба од пред две години. Граѓаните живеат полошо и потешко, паричниците и фрижидерите се попразни“, рече Филипче, додавајќи дека сиромаштијата е зголемена за 22 проценти, инфлацијата е речиси двојно повисока од ветената, а странските инвестиции се намалени за речиси две третини.
Во однос на европската перспектива, претседателот на СДСМ рече дека државата е целосно заглавена и изолирана.
„Европскиот пат е целосно заглавен. Христијан Мицкоски ја води земјата во изолација. Регионот оди напред, а тој излегува и кажува: нема да се помрднеме ни чекор“, нагласи Филипче.
Резултатите од двегодишното владеење на ВМРО се една голема нула.
„Остварените резултати се една голема нула. Во реформи, во животен стандард, во плати, во мерки за млади, поддршка за земјоделци, за наставници, за лекари, едноставно нула за европскиот пат“, рече Филипче.
На крајот, тој порача дека граѓаните сè појасно ги препознаваат разликите меѓу ветувањата и реалноста.
„Очигледно е, сѐ повеќе, дека имаме двајца премиери Мицкоски. Едниот лаже, другиот ги правда лагите. Со оваа влада, со овој премиер, единствено каде што државата оди е пропаст“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.



