Прес конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче
Власта со предложениот Изборен законик отвора врата за изборна кражба и манипулација, СДСМ тоа нема да го дозволи, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи на неколку спорни делови од предложениот законик кои укажуваат на сериозни изборни манипулации. Едно од најспорните решенија е предлогот за електронско гласање на дијаспората.
„Тоа значи без никаква проверка на луѓе коишто не знаеме, наши иселеници каде се, кој ќе им го провери идентитетот, едноставно пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвара ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Не се кажува точно на кој начин тоа ќе се регулира, дотолку повеќе се укажува дека ова електронско гласање на дијаспората треба со подзаконски акти да го утврди Државната изборна комисија, а не како што е редот да биде тоа утврдено со закон“, рече Филипче.
Притоа, Филипче предупреди дека предложените измени отвораат простор и за нарушување на тајноста на гласањето, преку можноста да се дозволат различни начини на означување на гласачкото ливче.
„За разлика од до сега кога се смета за важечко ливче само доколку е заокружено бројчето пред името на кандидатот односно партијата, сега се дозволува и поинакво означување на тоа за кој гласачот би гласал. Што ова значи и во што ова отвара можност и врата за оваа власт? Да ве потсетам на разговорите во коишто еден поранешен функционер во владите наНикола Груевски го слушнавме како кажува „добро тие гласачи нека заокружат со триаголник“ – повторно контрола на изборниот процес, повторно воведување на режимот во овој контекст во делот на гласањето“, рече Филипче.
Третата забелешка, како што кажа Филипче се однесува на приговорите во однос на избирачкиот процес да се важат, да се уважат и да се разгледуваат само доколку според предлогот на новиот закон влезат во записниците, со што се намалува можноста на Државната изборна комисија да го разгледува целокупниот изборен материјал.
На прес-конференицијата Филипче посочи дека СДСМ во делот на финансирањето нема никаква забелешка да парите кои што ги делат власта и опозицијата, како соодветен процент се намалат во корист на помалите партии.
„Сметаме дека е тоа фер. Немаме никаква забелешка помалите партии да добијат поголемо финансирање. Но сметам дека нашите забелешки и тоа како укажуваат на сето ова што го говорев до сега. Имајќи го сето ова предвид, ние овој закон во Собранието ќе го блокираме. Ваков закон не смее ова Собрание да донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски“, рече Филипче.
Линк до видео:



