Соопштение за јавност
Предложените измени на Изборниот законик отвораат сериозно прашање за нееднаков третман на гласачите во земјата и во дијаспората, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека е недозволиво во државата да важат строги механизми за проверка на идентитетот, а за гласањето во странство да се предлага модел без соодветна контрола.
„Зошто гласачот тука дома да има таков механизам на гласање, да се проверува идентитетот со фингерпринт и така натаму, а нашите иселеници од земјата да гласаат без никаква контрола? Зошто такви двојни аршини?“, рече Филипче.
Филипче посочи дека ваквиот модел не нуди доволна сигурност и отвора простор за сомнежи во регуларноста на изборниот процес.
„Да се доведеме во ситуација да се сомневаме дека изборниот процес бил нерегуларен. Оваа измена на закон, со која што се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора, не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе, отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе. Не постои механизам, ниту амандман, со кој што овој предложен начин на гласање на дијаспората може да биде целосно безбеден“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој посочи дека наместо наметнување на вакво решение, потребно е да се отвори поширока стручна расправа.
„Еве нека се формира работна група, експертска, да работи на тој предлог, па понатаму можеме да го имплементираме и тој дел“, посочи Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Линк до видео:



