Филипче: Зошто гласањето на дијаспората да биде без контрола и различно од гласањето дома?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека ставовите на СДСМ за предложениот Изборен законик се јасни, аргументирани и насочени кон обезбедување еднаков и безбеден изборен процес за сите граѓани и дека СДСМ нема да дозволи изборен грабеж.

„Ние нашите позиции јасно ги кажавме и ги образложивме. Од што стравуваме, зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот“, истакна Филипче.

Тој го постави клучното прашање зошто Владата предлага различни правила за гласање на граѓаните во земјата и оние во дијаспората.

„Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето кои што живеат во дијаспора, од луѓето кои што тука живеат? Зошто ние тука гласачите да оставаме фингерпринт и така натаму, а некој да гласа електронски или да гласа со писма? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и за тие што не се во земјата? Ние за тоа се бориме“, рече Филипче.

Предложените решенија неоправдано ги ставаат граѓаните од дијаспората во ризик.

„Зошто премиерот Мицкоски им става таков товар на нашите граѓани кои што живеат во дијаспора? Некој утре да им каже дека биле дел од изборна измама. Зошто ги изложуваат на таков ризик тие луѓе? Нека гласаат тука еднакво како што сите ние гласаме. Тоа е во делот на гласањето на дијаспората“, нагласи Филипче.

Тој потенцираше дека аргументите на СДСМ се засноваат на потребата од сигурен и кредибилен изборен процес.

„И сметам дека имаме рационални аргументи. Аргументите не се само нешто што ние сакаме да кажеме колку да помине или не помине законот. Сметам дека се издржани“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ оцени дека предложените измени отвораат простор за сомнежи и можни манипулации во изборниот процес.

„Зошто дозволува да се отвори врата за манипулација со изборниот процес? Ставаат товар на луѓето во дијаспората, дека утре тие можат да бидат обвинети дека учествувале во изборен грабеж. Зошто да им ставаме таков товар на тие луѓе? Нека дојдат, нека гласаат тука со фингерпринт и сè, како што ние гласаме сите“, порача Филипче.

Тој повтори дека СДСМ ќе биде конструктивен во процесот на носење на изборното законодавство, но нема да поддржи решенија што го загрозуваат интегритетот на изборите.

„Ете, тоа е нашиот став. Секогаш ќе бидеме конструктивни што се однесува на тие закони, но не по цена да отвориме врата за изборен грабеж“, заклучи Филипче.