Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, оцени дека реконструкцијата на Владата не носи никакви промени за граѓаните и претставува само обид да се прикријат неуспесите на власта, а нервозата и заканите од страна на Мицкоски се доказ колку е неспособен и слаб.
„Практично, ова е една реконструкција која е само замена на имиња – едни луѓе со други. Од оваа реконструкција граѓаните не можат да очекуваат буквално ништо. Ама буквално ништо, исто како што не видоа никакви резултати и досега од работата на Владата“, рече Филипче.
Тој истакна дека по две години власт нема ниту една област во која Владата испорачала резултати.
„Нема еден сектор во кој има некакви добри резултати. Нема една група на луѓе во државава која виде бенефит од оваа власт. Државата е целосно блокирана. Граѓаните тонат во сиромаштија. Цените растат без контрола. Нема раст на платите. Стандардот тоне. Ние останавме слепо црево на Балканот и во Европа“, нагласи Филипче.
Владата ја оттурнува државата и од нејзината стратешка определба, додаде тој.
„Гледаме како се однесуваат и кон стратешкиот правец на земјата. Го запреа европскиот пат по 30 години и тоа отворено го кажува премиерот – дека нема намера да го продолжи евроинтегративниот пат на земјата. Во тој контекст, нешто што не го кажуваме ние, туку го кажува во својот извештај Европскиот парламент – дека тука има влијание од српскиот свет, дека има центри на руските разузнавачки служби во Србија кои влијаат врз земјите во регионот, меѓу другите и врз Македонија, и не дозволуваат да продолжи евроинтегративниот пат. Ете, такви луѓе ние имаме во Владата.“ рече Филипче.
Филипче рече дека заканите од Мицкоски се показател колку е нспособен и слаб.
„И што се случува кога веќе немате каде, кога веќе не можете да лажете, затоа што веќе сте прочитани од граѓаните, нормално е дека се заканувате. Сакам да му упатам јасна порака: Никој не му се плаши на Мицкоски. Со заканите што ги упатува и со навредите само покажува колку е неспособен и колку е слаб. И тоа граѓаните секој ден сè повеќе го сфаќаат“, истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.



