Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седници посочи дека реконструкцијата на Владата нема да ги реши клучните проблеми на граѓаните, ниту ќе ги поправи неуспешните политики што се спроведуваа во изминатите две години. Лукаревска рече дека реконструкцијата се сведуваат на прераспределба на ресори и функции, без гаранција за подобри резултати, додека Владата не нуди одговори за економските предизвици, растот на цените, задолжувањето, кризата во правосудството, состојбите во локалната самоуправа и другите клучни области. Притоа, Лукаревска порача дека единствениот вистински критериум за успех треба да бидат резултатите што ќе ги почувствуваат граѓаните, а не кадровските рокади.
Во продолжение е интегралното обраќање на Лукаревска:
„Многу паралелни предизвици стојат пред Владата на Република Северна Македонија – од економски предизвици, потребата од подобрување на животниот стандард, реформи во правосудството, енергетска сигурност, предизвик како да се задржат младите во државата, справување со кризата и ценовните шокови, растот на семејното и врсничкото насилство и, секако, како да се деблокира евроинтегративниот процес.
Прашањето е дали сите овие предизвици можат да се решат со кадровска реформа или со посебни потези за функционалност, политичка стабилност и континуитет во спроведувањето на реформите.
Денес не зборуваме за политички ветувања. Денес треба да зборуваме за мерливост, предвидливост, отчетност и подобрување.
Секоја реконструкција има две страни. Во плуралистичкото делување, едната страна оди кон подобрување на функционирањето на институциите, а од друга страна се испраќа една политичка порака дека владејачкото мнозинство е подготвено да интервенира онаму каде што немало резултати или било потребно да има подобри резултати.
Наративот на Владата е дека овој процес се темели на два постулати: под број еден – промена на приоритетите и под број два – кадровско освежување.
Уште едно клучно прашање: дали овие кадровски промени се доволни за да се исправи курсот на владиниот брод? Дали се доволни само министерски рокади и нови назначувања?
Биографиите даваат поинаква слика и се создава, се отвора некаква недоверба дали овие нови лица, новата енергија, идните нови министри, согласно нивните биографии, ќе се носат со сите обврски, идни проекти и решавање на идни проблеми.
ВМРО-ДПМНЕ ги зајакнува максимално своите позиции во Владата со нови ресори – здравство и социјална политика, демографија и млади. Тоа се нови целни групи, нови центри на моќ, а веројатно владејачкото мнозинство би рекло – да, за да се остварат одредени предизборни ветувања.
Оваа реконструкција е и првиот сериозен тест за новата структура на ВЛЕН, навидум со некоја поцврста и појасна позиција во поделбата на владиниот колач.
Но, сè уште како сенка стои фактот за нивното претходно кадровско решение претходно– вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој, ај што не го слушнавме овде во Парламентот да каже нешто, не знаеме што сработил, не знаеме ни дали сработил нешто, но знаеме дека не одеше на работа, а земаше плата. И врз основа на тој учинок доби и друга позиција.
Да очекуваме дека за ВЛЕН ова е поука.
Тие добија еден клучен ресор – во секторот правда, професорот Јетон Шасивари, можам да кажам, има една од најобемните биографии. Исправен е пред предизвикот да ја смени сликата за правосудството. Правосудството е обременето со многу тешки процеси и проблеми оставени во наследство од претходниот министер – закаснета реформска агенда, непотизам, несоодветно и неквалитетно работење.
Така што ЗНАМ беше принудена на очигледно повлекување со отстапување на Министерството за правда. Несомнено, потег кој ги ослабува и нивните позиции.
Добиваат Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и добро е што досегашниот министер Цветан Трипуновски си оди. Но, воопшто не е добро што него од утре, или од вечерва, ќе го води човек кој ништо, ама баш ништо, нема поврзано со земјоделството.
Па, еве, овде во биографијата стои дека е доктор по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис-менаџер, дипломиран дефендолог. Дел од претходните титули се добиени во Бугарија, дел тука.
Дипломиран дефендолог, по дефиниција, е стручњак, научник специјализиран за областа на одбраната, националната безбедност и мирот. И не знам каква поврзана точка има тоа со земјоделството. Ова е навистина погубно за овој сектор.
Единствено позитивно се публикациите што стојат во неговата биографија во делот за лидерството како вештина, влијанието и улогата на лидерот во тимот. Значи, тој ќе биде успешен лидер, согласно овие публикации, меѓутоа на непознат терен.
Одиме понатаму.
Иван Стоилковиќ е лидер во новото Министерство за локална самоуправа.
Што се случуваше во претходното? Во својот последен прес обзнани дека успешно го потчинил пристапот „седи дома, земај плата“ во Министерството за односи меѓу заедниците.
Нова систематизација, намален буџет, кој ќе биде насочен исклучиво кон надлежностите на Министерството.
Сега има уште потешка и поодговорна обврска, да ги раздолжи општините кои трупаат долгови од година во година, да го промовира пристапот на дисциплина, ефикасност и реализација на проекти во единиците на локалната самоуправа.
Не да биде првиот што ќе сече ленти, ќе фрла лопати, напротив да биде оној што ќе каже: „Да, ветивме и еве ја реализацијата.“
Но, состојбата во општините и нивната ликвидност е исто така сива зона, многу посива од онаа за која зборуваше на својот последен прес.
Бројките, согласно последните извештаи, истото што го зборувавме и на Комисијата за финансирање и буџет, се следни: Општините должат 5,22 милијарди денари. Општинските јавни претпријатија должат 6,6 милијарди денари, јавните претпријатија 18 милијарди.
Од друга страна, пред да почне со министерувањето, би замолила и во иднина да не се користат неумесни статуси на Фејсбук.
Во Министерството за култура седнува Седат Сулејмани. Дипломирал на универзитет во Турција, насока социолошки науки по педагошка теологија. Во меѓувреме бил менаџер, директор, администратор и дел од давањето стручна административна поддршка во Општинскиот инспекторат во Тетово.
Исклучително битно е како ќе се справи со моменталната состојба во културата.
Како при разрешувањето беше кажано дека тоа е заради супер резултатите на претходниот министер, значи дека тој добро работи. Така што сега Сулејмани ќе има многу лесна работа и повеќе ќе се посвети и на делот за туризам, кој исто така го опфаќа конкретното Министерство.
Многу храброст, доблест и знаење ќе му бидат потребни за да ги менаџира состојбите со културната фела. Таа е критичкиот крик. Таа е нашата најубава промоција во Европа и светот и со неа мораме да се гордееме. Пред овие наши амбасадори, на Сулејмани ќе му требаат вистинските решенија и точните одговори, бидејќи овде од седницата многу ретко го слушнавме, и кога имаше прилика да зборува на пратенички прашања.
Не знам зошто не е променет министерот за економија Бесар Дурмиши, за кого повеќе пати сум зборувала.
Ќе ја искористам и оваа прилика.
Не се справи со ценовните шокови, не донесе соодветни навремени мерки, не го користеше Законот за нефер трговски практики, не ги даде соодветните резултати што требаше да ги даде како надлежен министер.
Имам една најдобронамерна критика, која ја кажав и при изборот на Владата пред две години,дека имаме три жени во рамките на Владата.
Очекував дека со оваа нова кадровска понуда можеби тој родов баланс малку ќе се промени, затоа што сметам дека жените на повисоки позиции се неопходни во општеството. Не само затоа што тоа го налага модерното време, туку и стандардите, и затоа што со повеќе жени на позиции, секако, и до подобри резултати.
И на крајот, во јавноста се зборуваше, најразлични натписи имаше во медиумите – кој добива, кој губи од оваа реконструкција, кој е победник, а кој е поразен, кој ќе има најмногу ќар, а кој најмногу ќе изгуби.
Тие прашања се ирелевантни.
Затоа што со оваа реконструкција, со која овие министри би требало да ја следат постојната владина програма за периодот 2024–2028 година, најмногу треба да добијат граѓаните. Најмногу ќар треба да имаат граѓаните и да победат во суштина граѓаните“.
Линк до видеото:


