Животниот стандард на граѓаните е урнат – 50% од вработените имаат плати до 36.000 денари

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Животниот стандард на граѓаните е целосно урнат за само две години владеење на ВМРО, нагласи членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски. Според податоците од Управата за јавни приходи, најголем дел од работниците дури 50%, земаат плата меѓу 24.000 и 36.000 денари што е под просечната плата во државата.

На прес-конференција, Цветановски посочи дека официјалните податоци на УЈП за 2025 година всушност ја покажуваат вистинската слика за животниот стандард на граѓаните.

„Дури 73% од граѓаните имаат плата под месечниот просек, односно под просечната плата во земјата. 50% од вработените земале плата меѓу 24.000 денари и 36.000 денари. Ако се спореди со минималната потрошувачка кошничка која изнесува 70.000 денари, значи дека на половина од вработените ниту две плати не им се доволни за да ги покријат основните животни трошоци.Ова е вистината. Најголем дел од граѓаните, од работниците едвај врзуваат крај со крај“, рече Цветановски.

Таа додаде дека додека трошоците за живот растат, власта одбива да преземе мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.

„Животот стана прескап. Кризата не стивнува. Поскапувањето на горивата е нов ценовен удар за граѓаните и ќе донесе ново поскапување на цените на храната. Платите не го следат растот на цените, храната стана луксуз, сметките се превисоки. Прекинувањето на растот на платите, одбивањето на владата на Мицкоски да ја покачи минималната плата на 600 евра директно води до сиромаштија во семејствата на македонските работници. Родителите треба да мислат за секој денар, принудени се да кратат од себе за да можат да им обезбедат основни услов за своите деца“, рече Цветановски.

Линк до видео: