Филипче: Задоцнети реакции, зошто на време не се истражила причината за зголемениот број на пациенти во првите денови?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска од Гостивар порача дека здравствената криза отвора сериозни прашања за навременоста на институционалната реакција и одговорноста на надлежните.

„И уште една многу важна работа, а тоа е да поставиме неколку многу важни прашања, нешто за тоа што се случувало во изминатиот период и чија е одговорноста за работите кои што се случувале и што сега се случува, односно како може да се спречи и дали се заканува уште поголема катастрофа од тоа што сега се случува во Гостивар“, истакна Филипче.

Тој праша зошто институциите не реагирале веднаш кога започнал да расте бројот на заболени граѓани.

„Зошто кога се случил наплив на пациенти во болницата, не се истражило добро на што се должи тој зголемен број на пациенти во болницата, па можело уште порано да се реагира. Зошто ништо не се направило од страна на здравствените власти да се изменаџира прашањето епидемиолошки, да се анализира од каде доаѓаат симптомите, на што тие се должат“, рече Филипче.

Јавноста има право да знае и зошто водата не била контролирана секојдневно.

„Зошто не се испитувала водата секој ден? Зошто квалитетот на водата, Центарот за јавно здравје, не го испитувал секој ден?“, праша претседателот на СДСМ.

Филипче предупреди дека и денес постојат сериозни ризици доколку не се обезбеди безбедна вода за граѓаните и за угостителските објекти.

„Од каде рестораните ја носат? Од каде граѓаните ја носат и ја користат? Кој ја проверил таа техничка вода?. Ако и сега се користи неисправна вода, се заканува уште поголема опасност, а тоа е труење со храна“, како и ризик од појава на нова епидемија.

Тој побара Министерството за здравство и надлежните институции веднаш да ги објават сите резултати од анализите на водата и целосно да ја информираат јавноста.

„Не можат здравствените власти, Министерството за здравство, министерот, премиерот, да молчат по овие прашања. Треба јавно да ги објават резултатите од контролата и сите параметри на водата. Граѓаните мора да знаат“, порача Филипче.

Тој нагласи дека посетата на СДСМ во Гостивар нема политичка цел, туку е насочена кон помош за најпогодените граѓани и барање одговорност за институционалните пропусти кои доведоа до ваквата здравствена состојба.

Линк до видео: