Филипче: Зошто Центарот за јавно здравје не ја испитувало водата во Гостивар секој ден?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Гостивар побара одговори од надлежните институции зошто Центарот за јавно здравје не вршел секојдневни испитувања на квалитетот на водата и зошто навремено не биле преземени мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Филипче посочи дека станува збор за прашања кои не смеат да бидат предмет на политички калкулации, туку за основни човекови права – правото на здравје и правото на граѓаните да добијат навремени и точни информации.

„Зошто Центарот за јавно здравје не ја испитувал водата секој ден? Зошто кога се појавил наплив на пациенти во болницата не се направила детална епидемиолошка анализа за да се утврди причината? Зошто здравствените власти не го менаџирале процесот навремено и не им дале јасни информации на граѓаните?“, потенцираше Филипче.

Тој посочи дека одговорноста не завршува со утврдување на причините за досегашната состојба, туку дека мора да има јасен одговор и за тоа како се постапува денес и какви мерки се преземаат за спречување на нови ризици.

„Денеска имаме уште едно исклучително важно прашање , кој ја контролира состојбата на терен и кој гарантира дека граѓаните се безбедни. Каква вода се користи во рестораните? Со каква вода се мијат чиниите, приборот за јадење и садовите во кои се подготвува храната? Каква вода се користи во објектите каде што има големи собири, како свадби и други прослави?“, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека надлежните институции да објаснат што точно значи препораката за користење техничка вода и кој гарантира дека таа вода е безбедна за намената за која се користи.

„Која е таа техничка вода? Од каде ја обезбедуваат граѓаните и угостителите? Кој ја контролира и кој потврдил дека е исправна за користење? Ова се прашања на кои мора да има одговор, бидејќи секое неодговорно постапување може да создаде нов здравствен ризик. Ако храната не се мие и не се третира соодветно, се отвора ризик од труење со храна и појава на дополнителни заболувања. Не смееме да дозволиме по една здравствена криза да се создадат услови за нова“, рече Филипче.

Министерството за здравство и сите надлежни институции мора веднаш да ги објават резултатите од сите анализи и контроли на водата.

„Граѓаните имаат право да знаат. Објавувањето на резултатите не ја загрозува ниту една постапка. Фактите се тие што се, бројките и анализите мора да бидат јавно достапни, затоа што навремената информација е дел од заштитата на јавното здравје“, додаде Филипче.

Линк до видео: