Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес – конференција предупреди дека случајот со труењето во Гостивар не е изолиран инцидент, туку доказ за целосен системски распад на здравствениот систем и институциите под власт на ВМРО. По Гостивар, небезбедна за пиење е и водата во Валандово, а на виделина излезе уште еден скандал со квалитет на вода за пиење и тоа во Болницата за белодробни заболувања во Лешок, за кој Филипче денеска ги обелодени документи од Институтот за јавно здравје за направени анализи, а кои до СДСМ ги доставија укажувачи.
„Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај. Станува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање. Здравствениот систем се распаѓа во државата под водство на Христијан Мицкоски и неговата екипа.Ова што се случи во Гостивар, е само еден од показателите и најдраматичниот доказ за тоа колку системот е оштетен и лошо се менаџира од страна на оваа власт. Основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните, очигледно дека како функција е нарушена“, рече Филипче.
Состојбата со квалитетот на водата е загрижувачка, особено што по случајот во Гостивар, проблем е регистриран и во Валандово, а до СДСМ беа доставени и документи од укажувачи кои укажуваат на опасно загадена вода со колиформни бактерии во Болницата за белодробни заболувања во Лешок, за што никој од надлежните институции не реагирале.
„Во Валандово, и таму водата во градскиот водовод не е соодветна за пиење. Меѓутоа, еден скандал, и многу загрижувачки податок се документите кои до нас ги доставија укажувачи. Станува збор за извештај за тестирање на безбедноста на водата од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датумот на завршување на испитувањето е 13 мај. Во примерокот од водата се утврдени 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. Никој не реагирал. Ова се официјални документи од Центарот за јавно здравје. Станува збор за примерок од чешма во болница каде што се лекуваат луѓе. Во извештајот пишува дека водата не одговара на квалитетот потребен за пиење. Знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институција? Што е целта? Да се загрози здравјето на сите луѓе во државата?“, рече Филипче.
Поради сериозноста на овие информации и ризикот по здравјето на граѓаните, Филипче побара итен вонреден надзор на сите водоснабдителни системи во државата и целосна транспарентност на резултатите.
„Бараме итно вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата. Јавно да се објават резултатите од физичките анализи – матност, мирис и останатите параметри, од хемиските анализи – нитрати, нитрити и амонијак, како и микробиолошки анализи и податоците за хлорирањето“, рече Филипче.
На прес – конференцијата, Филипче нагласи дека Владата не покажува капацитет да управува со државата, а за ваквите пропусти со кои се загрочува човековото право на чиста вода за пиење, мора да има одговорност.
„Ако овие луѓе не можат или не сакаат да ја менаџираат државата, ако дозволија вакво загадување на водата и не реагираат ниту кога загадувањето е детектирано, тогаш не заслужуваат да ја водат оваа држава“ , рече Филипче.
Линк до видео:



