Соопштение за јавност
Влијанието на таканаречениот „српски свет“ во Македонија не е само забелешка на СДСМ, туку е нотирано и во еден од последните извештаи на Европскиот парламент, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче обивинувајќи дека „Христијан Мицкоски е најуспешниот проект на големосрпската политика во изминатите децении“.
„Во однос на српското влијание, ‘српскиот свет’, тоа не е наша забелешка, тоа е забелешка на Европа. Забелешка која јавно, јасно и гласно стои во еден од последните извештаи на Европскиот парламент, дека тука има влијание на ‘српскиот свет’. А ние тоа дополнително го аргументираме и укажуваме зошто е тоа така“, рече Филипче.
Дополнителен доказ е однесувањето на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кој, според Филипче, од висока државна позиција отворено пропагира интереси на друга држава.
„Имате доскорашен вицепремиер во Владата, а сега министер за локална самоуправа, кој, внимавајте, отворено пропагира туѓи интереси. Се среќава со официјални лица од Србија кои кажуваат дека ова е српска територија и никако не реагира. Луѓе кои кажуваат дека Македонската црква била српска црква, а никој од Владата не реагира. Не реагира Христијан, молчи“, рече Филипче.
Тој најави дека СДСМ во текот на септември ќе поднесе интерпелација за Стоилковиќ.
„Ќе поднесеме интерпелација за Иван Стоилковиќ, како што најавивме, сега во текот на месец септември. Не може човек кој отворено работи против интересите на земјава, а за интересите на друга земја, да биде на толку висока позиција“, нагласи Филипче.
Заштитата што Стоилковиќ ја добива од премиерот покажува дека Мицкоски е дел од истата операција.
„Тоа што премиерот го штити и молчи е само доказ дека и тој е дел од таа игранка. Нема да им помине. Христијан Мицкоски е најуспешниот проект на големосрпската политика во изминатите децении. Ќе го разобличиме и ќе одговара за тоа“, порача претседателот на СДСМ.
Во однос на медиумското влијание, Филипче посочи дека СДСМ будно ја следи постапката во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за влезот на „Ало“, како и функционирањето и финансирањето на „Еуроњуз“.
„Будно ја следиме ситуацијата во АВМУ околу влезот на ‘Ало’ медиумите. Таму се запре постапката, наводно имале некаква истрага за финансиските текови. Се поставува прашањето како сега функционира ‘Еуроњуз’, кој го смени брендот пред некое време.
Знаеме дека повторно станува збор за луѓе блиски до Орбан и Вучиќ. Кој ги вработува тука кај нас? Кој е субјектот? Македонски ли е или е подружница на странска фирма? Од каде тие луѓе земаат плата?“, праша Филипче.
За сите овие случувања СДСМ редовно ги информира стратешките партнери на земјата – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и амбасадите на земјите од Квинтата.
„Многу често, да не речам секојдневно, во комуникација со нашите стратешки партнери – Соединетите Американски Држави, Вашингтон, Европската Унија, Брисел и петте амбасади на Квинтата – ги известуваме за сите овие постапки“, рече Филипче.
Тој предупреди дека падот на индексот на слободата на медиумите, ограничувањето на говорот на опозицијата и високото ниво на корупција покажуваат дека демократијата во Македонија е сериозно загрозена.
„Слободата на медиумите и демократијата се сериозно поткопани од оваа власт, со резолуција што ја носи владејачкото мнозинство и која кажува што опозицијата може, а што не може да зборува, внимавајте, како во 18 век. Тоа, како и високиот степен на корупција и арамилак на секое ниво во Владата, се нешто што ние нема да го дозволиме“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Линк до видео:

