Соопштение за јавност
СДСМ будно ја следи постапката во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги околу влезот на српските „Ало“ медиуми, како и прашањата поврзани со функционирањето и финансирањето на „Еуроњуз“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Во однос на медиумите, конкретно ќе кажам, будно ја следиме ситуацијата во АВМУ околу влезот на ‘Ало’ медиумите. Таму се запре постапката, наводно имале некаква истрага за финансиските текови“, рече Филипче.
Тој посочи дека мора да се утврди преку кој правен субјект функционира „Еуроњуз“ во Македонија, кој ги вработува новинарите и од каде се обезбедуваат парите за нивните плати.
„Се поставува прашањето како сега функционира ‘Еуроњуз’, кој го смени брендот пред некое време. Знаеме, повторно, луѓе блиски до Орбан и Вучиќ. Кој ги вработува тука кај нас? Кој субјект? Македонски ли е субјектот или е некоја подружница на странска фирма? Од каде тие луѓе земаат плата?“, праша Филипче.
За сите овие постапки и ризици СДСМ редовно ги информира стратешките партнери на земјата – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и амбасадите на државите од Квинтата.
„Будно ја следиме таа постапка, ќе реагираме, а многу често, да не речам секојдневно, во комуникација со нашите стратешки партнери – Соединетите Американски Држави, Вашингтон, Европската Унија, Брисел и петте амбасади на Квинтата – ги известуваме за сите овие постапки“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче предупреди дека ширењето на медиумското влијание поврзано со Орбан и Вучиќ е сериозен ризик за слободата на медиумите и европската перспектива на државата.
„Да имате 40% присуство на Орбанови медиуми, со кои се шират лажни вести, се шири хистерија кај граѓаните и се шири антиевропскиот наратив, е сериозна работа“, нагласи Филипче.
Тој потсети и на падот на Македонија на индексот за слободата на медиумите во извештајот на „Репортери без граници“, оценувајќи дека тоа е доказ за сериозното поткопување на демократијата од страна на власта.
„Имаме пад на индексот на слободата на новинарството во извештајот на ‘Репортери без граници’, кој излезе пред неколку месеци. Тоа не е шега, затоа што слободата на медиумите и демократијата се сериозно поткопани од оваа власт“, рече Филипче.
Како дополнителен пример, тој ја посочи резолуцијата на владејачкото мнозинство со која се прави обид да се одредува за кои теми смее, а за кои не смее да зборува опозицијата.
„Владејачкото мнозинство носи резолуција која кажува што опозицијата може, а што не може да зборува. Внимавајте, како во 18 век“, истакна Филипче.
Влијанието на таканаречениот „српски свет“ во Македонија не е само забелешка на СДСМ, туку е нотирано и во еден од последните извештаи на Европскиот парламент.
„Во однос на српското влијание, ‘српскиот свет’, тоа не е наша забелешка, тоа е забелешка на Европа. Забелешка која јавно, јасно и гласно стои во еден од последните извештаи на Европскиот парламент, дека тука има влијание на ‘српскиот свет’“, рече Филипче.
Тој најави дека СДСМ во текот на септември ќе поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
„Не може човек кој отворено работи против интересите на земјава, а за интересите на друга земја, да биде на толку висока позиција. Тоа што премиерот го штити и молчи е само доказ дека и тој е дел од таа игранка. Нема да им помине“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Линк до видео:

