Филипче: СДСМ укажувавме за Алта банка уште во декември — сега бараме истрага и одговорност

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

„Нашиот АКТ-тим на вакво сомнително работење на Алта банка во Србија уште во декември лани го постави прашањето зошто се дозволи влез во нашата земја“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој по одземањето на лиценцата за работа на банката во Србија побара одговорност од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и повика Основното јавно обвинителство да поведе истрага.

Филипче посочи дека, според информации објавени во медиумите и сознанија на СДСМ, Алта банка во Србија била поврзувана со криминално стекнати пари, корупција, украдени пари од граѓаните, како и средства за кои постојат сомнежи дека потекнуваат од трговија со дрога.

Дополнително, само неколку часа откако Народната банка на Србија соопшти дека сè е во ред со работењето на банката, по полноќ ѝ била одземена лиценцата за работа.

„Се поставува клучното прашање дали Христијан Мицкоски и Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во нашата земја или, сепак, многу добро знаеле за што станува збор и се дел од оваа мрежа мафијашка во Србија“, рече Филипче.

Тој предупреди дека случувањата отвораат сериозни прашања и за сигурноста на депозитите на граѓаните и јавните претпријатија, особено по информациите за стампедо пред експозитурите на Алта банка во неколку градови во Македонија.

„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија. Се поставува прашањето дали сега некој во Народна банка или во Владата ќе направи нешто да го спречи ова стампедо коешто веќе се случува пред експозитурите на Алта банка во неколку градови во нашата земја. Апелираме гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните, а гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност, за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага“, порача Филипче.

Дополнително, Филипче посочи на информации од Соединетите Американски Држави, според кои постои иницијатива дел од раководството на Алта банка да биде ставено на американска црна листа.

„Гледаме во изминатиот период информации кои што доаѓаат од Соединетите Американски Држави, нашиот стратешки партнер, а тоа е дека имаше иницијативи да дел од раководството на Алта банка биде ставено на црна листа. Впрочем, тие купија банка од луѓе кои што беа на црна листа на Соединетите Американски Држави“, истакна Филипче.

Линк до видео: