Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, го повика премиерот Мицкоски да одговори дали сопственикот на српската Алта банка, Давор Мацура, престојувал во Македонија изминатите денови. Филипче, воедно ги повика и премиерот и гувернерот да одговорат за сомнителните околности околу влезот на Алта банка во Македонија, потеклото на капиталот и финансиските трансакции поврзани со преземањето на Стопанска банка Битола.
„Нека одговорат премиерот и гувернерот дали се проверени потеклото на парите пред да влезе капиталот на Алта банка тука во Стопанска банка Битола. Има ли потврда за потеклото на парите? Следно прашање, имало ли трансакции после завршувањето на изборите во Србија? Понатаму, нека одговори премиерот и министерот за внатрешни работи дали Давор Мацура престојувал во земјава изминатите денови?“, рече Филипче.
Филипче побара одговор и за тоа какви трансакции се реализираат во Алта банка во сега кога граѓаните не можат да пристапат до своите средства, додека на фирмите им се дозволени трансакции.
„Да одговорат какви трансакции се прават денеска во банката, денес, кога им се блокирани средствата на луѓето, а им е дозволено им се дозволени трансакции на фирмите кои што имаат таму средства, дали се префрлаат пари и какви пари се префрлаат од еден правен на друг правен субјект? Ако на овие прашања тие не одговараат, ние бараме обвинителството час поскоро да се вклучи во оваа работа и сите овие прашања да ги истражи“, рече Филипче.
Воедно, Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски и гувернерот Славески мора да одговорат како било дозволено влегувањето на Алта банка во Македонија, дали биле проверени средствата и нивното потекло и дали биле испочитувани сите процедури.
„Гувернерот треба да одговори на многу прашања, исто така и премиерот Христијан Мицкоски. Како дозволиле влез во земјата на Алта банка? Дали се испочитувани сите процедури? Дали е направена контрола на средствата и нивното потекло којшто влегле при купување на Алта банка?“, рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ подолго време предупредуваше за сомнителните околности околу Алта банка, нејзиниот капитал и поврзаноста со луѓе блиски до српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Скоро година дена наназад укажуваме за проблемот којшто беше тогаш, сега веќе настана со Алта банка. Укажувавме на тоа дека е тоа банка којашто настанала од една многу мала штедилница, дека тоа се луѓе блиски на Александар Вучиќ, негови пријатели, дека во медиумите има информации, имаше информации од Србија дека тоа се пари од криминални коруптивни сделки, од трговија со дрога, пари опљачкани од граѓаните“, рече Филипче.
Линк до видеото :

